Фото: Маја Јаневска Илиева

Делегацијата на Европската Унија во земјава денеска во Градскиот парк во Скопје организираше централна прослава по повод Денот на Европа, настан отворен за сите граѓани. Програмата започна со настапи на детски танцови групи пред летната сцена „Школка“, по што евроамбасадорот Михалис Рокас со кратко обраќање официјално ја отвори манифестацијата.

На настанот присуствуваа и министерот за европски прашања Беким Сали, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, амбасадори на земји членки на ЕУ и бројни гости.

Рокас порача дека Денот на Европа е можност граѓаните директно да се поврзат со европските вредности и да ја почувствуваат поддршката на Унијата за евроинтегративниот процес на земјата. Тој повторно ја истакна пораката на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој Македонија ја нарече „идна членка на Европската Унија“.

 – Работиме напорно граѓаните да станат дел на семејството на Европската унија. Се разбира за да се реализира тој процес, исто така е важно граѓаните да ни се придружат и да ни помогнат во реализација на таа цел. Мислам дека оваа порака е од огромно значење затоа што всушност пораката којашто ја праќа е порака на солидарност, на поддршка, на решителност за да може сите вие да ја надминете и последната препрека за да го започнете пристапниот процес со Еу, како што веќе реков на самиот почеток – рече Рохас.

Според Рокас, тоа е силен сигнал за солидарност, поддршка и охрабрување земјата да ја надмине последната пречка на патот кон почетокот на пристапните преговори.

Министерот за европски прашања Беким Сали нагласи дека интеграцијата во ЕУ останува стратешки приоритет на Владата и дека процесот бара сериозна институционална и општествена посветеност. Тој информираше дека државата веќе исполнила 16 од 21 точка од Реформската агенда доставена до Европската комисија.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски посочи дека Европа е изградена врз помирување, визија и заедничка надеж, додавајќи дека Скопје треба да биде пример за спроведување европски политики преку конкретни резултати.

По официјалниот дел, посетителите имаа можност да ги посетат тематските зони посветени на локални производи, креативни иницијативи, екологија и одржлив развој. Беа организирани и „Игри на Европа“, реализирани во соработка со земјите членки на ЕУ, со цел промоција на европскиот дух и културната разновидност.

Во рамки на програмата настапија повеќе музички и танцови изведувачи, меѓу кои „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“, Емили Нас и Мартина Пенева.

Одбележувањето на Денот на Европа ќе заврши вечерва со осветлување на зградата на Владата во сина боја – симбол на Европската Унија.