Младата и талентирана каратистка членка на карате клубот „Ускана“ од Кичево, Анастасија Мингоска е прогласена за најдобра спортистка на Кичево за 2018 година. Мингоска во текот на оваа календарска година на Државното првенство во шотокан карате за возраст до 12 години, го освои првото место во кати, а истиот резултат го потврди и на Балканскиот шампионат што во месец октомври се одржа во Белград.

Таа покрај годинешната титула државен првак и во претходните три години во својата возрасна категорија беше најдобра во земјава.

-Веќе 5,5 години се занимавам со карате и работам во клубот„ Ускана“ каде мои тренери се Неџми и Јетмире Дервиши. Три пати во неделата работам на своето усовршување и резултатите остварени на домашен и меѓународен план се најдобра потврда дека сум на вистинскиот пат. И наредните години ќе продолжам да се занимавам со карате и уште отсега можам да најавам нови титули и нови први места – вели спортистката Мингоска, ученичка од седмо одделение во ОУ „Христо Узунов“ во село Другово.

Нејзиниот тренер Неџми Дервиши е презадоволен од односот кон тренинзите и приодот во работата.

-Повеќе од 5 години Анастасија е дел од нашиот клуб и уште од првото доаѓање беше очигледно дека има желба за работа и голем талент. Со секоја наредна година нејзиниот прогрес беше видлив и како резултат на нејзините спортски карактеристики дојдоа и врвните остварувања како што се четирите титули Државен првак во кати и највредното остварување Балканска шампионка во кати за девојки до 12 години за 2018 година – истакна нејзиниот тренер Неџми Дервиши, кој веќе 12 години е тренер во овој карате клуб од Кичево.

З.А.