Демографските промени претставуваат суштински предизвик и за нивно справување клучна улога имаат владите, порача Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје.
Конференцијата ја организира Министерството за социјална политика, демографија и млади заедно со УНФПА, под покровителство на Владата.
Бауер истакна дека организацијата развива регионални алатки за справување со демографските промени, вклучително и политики поврзани со родова еднаквост и сексуално-репродуктивни права. Таа нагласи и потреба од поголема „демографска писменост“ за подобро креирање политики, како и соработка со приватниот сектор, пренесе МИА.
– Мажите и жените треба да можат да балансираат меѓу работата и приватниот живот за да се создадат услови за формирање семејства – истакна Бауер.
Евроамбасадорот Михалис Рокас посочи дека демографските трендови во земјата и регионот се слични со оние во Европската Унија, при што Македонија се соочува со низок наталитет и континуирана миграција на младите.
– Човечкиот капитал останува нашиот најважен ресурс – изјави Рокас, нагласувајќи ја поддршката на Европската комисија за справување со демографските предизвици.
Со видеопорака, потпретседателката на Европската комисија Дубравка Шуица истакна дека Западен Балкан се соочува со значителна миграција на младите, при што од Македонија, како што рече, околу 50.000 претежно млади луѓе заминале во последната деценија.
Таа нагласи дека ЕУ веќе развива алатки за демографски политики и дека е време тие да се применат поефективно.
Експертката за глобално население и јавно здравје Рејчел Сноу посочи дека падот на наталитетот е глобален тренд што ги погодува и Европа и други делови од светот.
– Владите имаат голема моќ да влијаат врз демографските движења – истакна Сноу.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија, порача дека демографската отпорност бара инвестиции во младите, жените и сите општествени групи, како и меѓусекторска соработка.
– Имаме мерки, алатки и политичка волја, сега треба да почнеме со имплементација – порача Колумбија.































