Фото: Министерство за јавна администрација

Министерот за јавна администрација Горан МИнчев изјави дека реформите во јавната администрација се клучни за зајакнување на институционалната ефикасност и за напредокот на државата во процесот на европска интеграција.

Обраќајќи се на состанокот на Секторската работна група за реформи во јавната администрација, тој истакна дека позитивните оценки од Европската комисија претставуваат потврда за досегашниот напредок и дополнителен поттик за продолжување на реформите.

– Ова е силна потврда дека се движиме во правилна насока, но и дополнителен мотив со уште поголема динамика да продолжиме со реформскиот процес – изјави Минчев.

Тој посочи дека имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030 се одвива со висок степен на реализација, при што се спроведени околу 84 проценти од предвидените активности.

Според него, воспоставена е и нова системска рамка преку законски решенија што треба да обезбедат мерит-базиран, професионален и резултатски ориентиран административен систем.

Посебен акцент беше ставен на развојот на човечките ресурси, дигиталната трансформација и управувањето со квалитет, при што министерот нагласи дека најголемиот предизвик останува доследната примена на реформите во пракса.

– И покрај силната нормативна и институционална основа, најголемиот предизвик останува имплементацијата – истакна Минчев, додавајќи дека во наредниот период фокусот ќе биде на спроведување на законската рамка и постигнување конкретни резултати.

Министерството за јавна администрација останува, како што беше посочено, целосно посветено на реформската агенда и испорака на мерливи резултати.

– Потребна е координирана и таргетирана поддршка која ќе произведе реални и одржливи резултати – порача Минчев, нагласувајќи дека крајната цел е реформите да донесат конкретни придобивки за граѓаните и забрзување на европскиот пат на државата.