Собранието на Република Македонија го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, со 64 гласови „за“, 15 „против“ и без воздржани гласови. Законот е дел од Реформската агенда и има за цел унапредување на функционирањето на обвинителскиот систем.
Со новото законско решение се воведуваат значајни измени насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста на Советот на јавните обвинители и на јавното обвинителство во целина.
Предвидена е реформа на постапката за избор на членови на Советот, со јасни критериуми за стручност, искуство и интегритет, по пример на критериумите за Судскиот совет. Целта е да се обезбеди избор на најквалитетни кандидати.
Законот воведува и обврска за детално и аргументирано образложување на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, како и примена на системот на заслуги (мерит-систем).
Значително се зајакнува транспарентноста преку обврска за објавување на одлуки и извештаи, јавно одржување на седници и директни преноси за информирање на јавноста.
Во делот на дисциплинските постапки се воведува двостепеност, при што Советот одлучува како второстепен орган, а против неговите одлуки се обезбедува судска заштита. Со ова, како што се наведува, се гарантира заштита на правата на јавните обвинители, во согласност со препораките на Европската комисија.
Дополнително, се прецизира постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот со јасно утврдени рокови и критериуми.
Со законот се зајакнува и улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, при што Советот може да поднесе иницијатива до Собранието за негово разрешување.
Од Собранието посочуваат дека законското решение претставува дел од поширокиот реформски процес и е усогласено со европските стандарди и препораки, како значаен чекор во евроинтегративниот процес на државата.
































