Евакуацијата на патниците од крузерот на кој е регистрирана појава на хантавирус ќе започне во понеделник од Тенерифе на Канарските Острови, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи. Бродот се очекува да пристигне на островот во сабота, што е најблиското пристаниште до неговата моментална позиција.
Во меѓувреме, аргентинските власти информираа дека холандската двојка која почина од инфекцијата претходно неколку месеци патувала низ Аргентина, Чиле и Уругвај, а кон крајот на март се вратила во Аргентина, од каде што се качила на крузерот. Сепак, засега нема потврда дека заразата потекнува од Аргентина, особено имајќи предвид дека во регионот не се регистрирани случаи на хантавирус од 1996 година.
Бродот испловил на 1 април кон Зеленортските Острови (Кабо Верде), а по појавата на сомнителни случаи беа преземени здравствени и безбедносни мерки.
Британските власти во меѓувреме им препорачаа на двајца свои државјани, кои се вратиле од истиот крузер, да се самоизолираат, иако кај нив не се забележани симптоми.
Една жена која била во контакт со заразено лице е пренесена од Амстердам во Дизелдорф со специјален медицински транспорт, каде ќе биде подложена на превентивни испитувања.
– Станува збор за контактно лице без потврдени докази за инфекција. Приемот е превентивна мерка за медицинска проценка – информираа од болницата во Дизелдорф.
Претходно беше соопштено дека тројца патници се евакуирани од бродот, при што едно од лицата пристигнало во Амстердам, а кај едно од евакуираните лица не се забележани симптоми и се смета дека не е заразено.
Според германските и холандските власти, станува збор за 65-годишна германска државјанка која била во контакт со заразените.

































