Основниот кривичен суд Скопје донесе првостепена пресуда со која тројца полицајци од Кочани се прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба. На Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна затвор од една година, додека на поранешниот командир на Полициската станица Кочани, Александар Темелков, му е изречена условна казна од две години. Казните нема да се извршат доколку во наредните четири години не сторат ново кривично дело, пренесе МИА.
Ниту обвинетите, ниту нивните бранители не присуствуваа на објавувањето на пресудата.
Судијката Лидија Петровска во образложението истакна дека како олеснителни околности биле земени предвид тоа што обвинетите досега не биле осудувани, имаат семејства и дека нивните постапки не предизвикале директни штетни последици поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Сепак, Судот утврдил дека обвинетите само формално ги извршувале своите службени должности, без суштинска постапка. Според судијката, ваквото постапување резултирало со неповедување прекршочна постапка против вистинскиот носител на дејноста и одговорното лице, со што им била овозможена имотна корист.
За Богатинов и Лазаров, Судот утврдил дека иако констатирале прекршок при контроли во угостителски објекти, не провериле кој е вистинскиот носител на дејноста, ниту извршиле увид во релевантна документација. Наместо тоа, во записниците внесувале податоци врз основа на претпоставки.
Во однос на Темелков, Судот оцени дека и покрај тоа што располагал со точни информации за лиценците и правниот субјект кој ја вршел дејноста, одобрил постапка против субјект кој во тој момент не бил активен.
Обвинетите се задолжени да ги надоместат и судските трошоци во износ од по 7.000 денари. Против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд Скопје.
Во завршните зборови, обвинителката Спасенка Андонова побара осудителна пресуда, додека одбраната тврдеше дека вината не е докажана и побара ослободување.


































