Во центарот за култура „Марко Цепенков“
Во рамките на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, која почна минатиот вторник во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел издигање на свесноста при учеството во сообраќајот кај возачите, но и кај децата, беше изведена интерактивната театарска претстава.
Благодарение на претставата насловена „Застани, погледни, па на пешачки премин премини“, над 600 првачиња од општините Прилеп и Кривогаштани на креативен и разбирлив начин учеа за правилата во сообраќајот. Овој пристап преку едукација, интеракција и практични примери остави силен впечаток кај децата, кои внимателно ја следеа претставата.
Преку ваквите содржини, децата создаваат навики што во иднина ќе значат безбедност за нивниот живот.
– Очекувам дека во 2027 година и Прилеп ќе стане безбеден град со воведување на системите „Сејф сити“, кои во моментов ги има во неколку града во земјава. Многу сум горд што во Прилеп, токму со најмладите почнуваме кампања за нивна едукација. Следната активност е за матурантите, кои треба подетално да бидат воведени во безбедноста. Следуваат матурските вечери и треба навистина да се погрижиме за нивната општа безбедност, а особено за движењето во сообраќајот, управувањето со моторни возила и вкупно со сите возила со кои учествуваме во сообраќај – изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Ка.М.

































