Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека два случаи поврзани со нерегуларности во високото образование се пријавени во Јавно обвинителство на Македонија, еден од Филозофски факултет УКИМ и еден од Славјански универзитет.
Таа информираше дека на Филозофскиот факултет се поништуваат осум дипломи поврзани со претходно поништени уписи. Станува збор за дел од група од 17 студенти, од кои дел ги завршиле студиите на втор и трет циклус. Според неа, факултетот треба прво да поништи уште едно уверение, по што МОН ќе ги финализира сите постапки за осумте случаи.
Јаневска нагласи дека Министерството постапува законски и еднакво кон сите високообразовни институции, без разлика дали се јавни или приватни.
Во вториот случај, од Славјанскиот универзитет се поништени две дипломи на еден студент, поради сомнежи дека истовремено студирал на два циклуси и постои сомневање за фалсификат.
Двата случаи, како што посочи министерката, се веќе пријавени во Јавно обвинителство на Македонија, кое понатаму ќе ја води постапката согласно своите надлежности.

































