Повод: Посетата на кралот Чарлс Трети на САД и неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп

  • Воената соработка меѓу САД и Велика Британија не исчезнува, но очигледно се трансформира. Односот се движи од автоматска усогласеност кон поинтензивни преговори и повремени конфликти. Посетата на кралот Чарлс Трети може да помогне во одржување на дипломатската топлина, но суштинските разлики ќе зависат од политичките одлуки во Вашингтон и Лондон. Во ера на глобална нестабилност, „специјалниот однос“ останува важен, но очигледно повеќе не е безусловен

Воената и безбедносна соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство со децении се смета за столб на западната безбедносна архитектура. Од заедничките операции во Ирак и Авганистан до разузнавачката соработка во рамките на „Пет очи“, двете држави често настапуваат како единствен блок.
Но последните тензии околу Ормускиот Теснец сигнализираат дека „специјалните односи“ не се имуни на геополитички судири и различни стратегии.

Ормускиот Теснец беше тест за сојузништвото, но кој падна на испитот?

По ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, Вашингтон отворено побара поддршка за поагресивен пристап во обезбедувањето на клучниот енергетски коридор. Американската позиција се сведува на демонстрација на сила и гарантирање на слободата на пловидба дури и по цена на нови воени ризици.
Од друга страна, Лондон (заедно со Париз) се залага за поумерен пристап, за мултинационални патроли и деескалација по завршување на конфликтот.
Американските критики, кои ги нарекоа овие иницијативи буквално – „глупави“, покажуваат длабока разлика во стратегиската култура. Имено, САД инсистираат на брза, решителна воена акција, а Велика Британија се обидува да балансира меѓу воена сила и дипломатски маневар.
Овој судир не е само тактички туку и концептуален, и тоа на полето како да се управува со кризи во еден променет мултиполарен свет.

Улогата на Доналд Трамп во персонализацијата на надворешната политика

Политиката на Доналд Трамп повторно ја става трансатлантската врска под притисок. Неговата реторика кон сојузниците, вклучувајќи ја и Велика Британија, често е директна и конфронтирачка.
– За разлика од претходните администрации, кои инсистираа на координација и консензус, Трамп промовира билатерални договори наместо мултилатерализам, финансиска и воена „фер распределба“ и брзи одлуки без долги дипломатски процеси. Во тој контекст британската стратегија изгледа како обид да се зачува традиционалниот систем на сојузништва, онака како што тие историски долго го наметнуваат принципот на хегемонија и империјализам, во согласност со историскиот развој на цивилизацијата и околностите, односно општествените формации и периоди, велат наши соговорници, универзитетски професори по историја.

Структурни причини за разидувањата

Тековните несогласувања не се изолиран инцидент. Според нашите соговорници, несогласувањата меѓу Вашингтон и Лондон се резултат на подлабоки процеси.
– Најпрвин, разидувањата се клучни и, во своето битие, идеолошки. Трампизмот како идеологија, ако може така да се нарече, е суштинска спротивност на либералните политики на Лондон, кои повеќе беа компатибилни со Вашингтон кога администрацијата на САД беше од демократите, а не од републиканците. Натаму, разликите се и поради променетата глобална рамнотежа на моќ, обидите за зголемена автономија на европските сојузници, внатрешнополитичките притисоци во двете земји и, се разбира, различните процени за ризикот и ескалацијата. Велика Британија, особено по брегзит, се обидува да дефинира нова глобална улога, сега поблиску до Европа отколку до САД- велат нашите соговорници, додавајќи дека Лондон повторно се реактивира со различни механизми за да ја покаже својата надмоќ, и политичка и економско-финансиска и воена и образовна, особено кон Стариот Континент, па и на Балканот.

Последици за НАТО и поширокиот Запад

Тензиите меѓу двете клучни сили, САД и Обединетото Кралство, имаат импликации и за НАТО. Ако Лондон и Вашингтон не успеат да ги усогласат стратегиите, тоа може да доведе до фрагментација на „западниот здружен одговор на кризи“, а потоа да донесе јакнење на регионалните иницијативи и нови пактови, паралелни на НАТО, како ЈЕФ (Здружените експериментални сили), но и намалена предвидливост во воените операции.

Дали британската монархија може да биде дипломатски мост?

Посетата на Чарлс Трети и неговата средба со Трамп отвораат интересно прашање.
Имено, дали моќта на британската монархија може да помогне во стабилизирање на односите?
Иако кралот нема директна политичка улога, неговото влијание се огледува во т.н. „мека дипломатија“ и градење доверба, потоа во симболично потврдување на историското партнерство, како и во отворање канали за комуникација во чувствителни моменти.
Средбата може да се толкува како обид на Лондон да ги „омекне“ тензиите и да го зачува стратешкиот дијалог со Вашингтон.
Дали ќе успее овој комуникациски канал останува да видиме во наредниот период, и не само на евентуални „идни согласувања на надворешен план“ туку и на внатрешен, во Америка, каде што Трамп неодамна ги обвини судиите во Врховниот суд за непринципиелност и поврзаност со ројалистички структури од Британија со империјалистичка заднина, поврзани и здружени во „комплот“ со цел за негово рушење.
Дали Трамп и на тоа поле ќе омекне по посетата на кралот Чарлс Трети останува во идниот период да ги регистрираме неговите потези и да донесеме заклучок. Р.С.