Од ракометното минато (21)

  • Најдобриот играч Зафир Куновски, барајќи подобри услови за работа, го напушти Работнички и замина во Црвена звезда. Во вториот дел од првенството скопјаните имаа успешен почеток, со три победи и по едно реми и пораз

Ракометарите на Работнички, како и во претходните зимски денови, и овој пат, иако сега веќе прволигаши, немаа адекватни услови за работа. Тие и понатаму тренинзите ги реализираа во Градскиот парк, во кој понекогаш имаше мраз и снег. Постудените денови му правеа голем проблем на тренерот и капитен на екипата Славко Матовски. Немајќи друг избор, иако од спортски аспект беше малку смешно, сепак, тој им дозволи на играчите да тренираат и со џемпери. Немаше друг избор, мораше да се најде начин да се заштитат од студот, иако во почетокот на сметка на џемперите имаше и многу шеги. Како и да е, екипата беше „облечена“, а се чекаше само да се соберат средства за да се купи спортска опрема што одговара на зимски услови за тренинг. За разлика од нив, на фудбалерите на Вардар, со кои беа единствени прволигаши од Скопје, им беше обезбедена онаа неопходна спортска опрема и за нив немаше никаков проблем да истрчаат на помошниот терен и да тренираат дури и тогаш кога температурата беше под нулата.
Управата на Работнички ја мачеа финансиски проблеми, но, сепак, и во една таква ситуација ентузијазмот повторно дојде до израз. Тие беа настојчиви и во ниту еден момент не се предаваа, бараа решенија и во рамките на своите можности, сепак, создаваа некакви услови за тренинг. Ракометарите, пак, знаејќи со какви маки се среќаваат луѓето што работеа во клубот, немаше причини да им се лутат, се помирија со судбината, тренираа и се подготвуваа за пролетниот дел од првенството. Но како гром од ведро небо ги потресе веста оти нивниот најдобар играч Зафир Куновски ќе ги напушти и ќе замине во белградска Црвена звезда. Причина за тоа беа подобрите услови за тренинг, кои ќе овозможеа и негов побрз напредок, а веројатно и сигурно место во репрезентативната селекција на поранешна Југославија. Интересно е оти изненадувањето кај ракометарите брзо помина и се претвори во лутина. Впрочем, и нивниот коментар откако ја слушнаа веста беше во стилот: „Нека оди, можеме и без него“. Куновски, кој во минатите две-три сезони беше најдобриот играч на Работнички, а беше прогласуван и за најдобар ракометар во Македонија, си ја бараше својата среќа и сметаше оти лутината кај соиграчите е непотребна. Како и да е, Зафе замина за Белград, но добра вест беше што Драган Геровски-Дале токму тогаш, по отслужувањето на воениот рок во ЈНА, се врати во Скопје и можеше веднаш да се приклучи на подготовките за пролетната сезона. Дале отсекогаш, и кога настапуваше за Работнички во голем ракомет, беше еден од столбовите на екипата, па така ќе биде и сега во малиот ракомет. Впрочем, неговите квалитети уште од поодамна беа препознаени и од тренерите на репрезентацијата, па тој често се наоѓаше во нејзиниот состав. Така, со доаѓањето на Дале ситуацијата во клубот малку се смири и одењето на Куновски не остави некоја поголема трага.

Неизвесна пролет, но мораше да се издржи

Борбеноста и вербата во сопствените сили беа две компоненти што беа одлика на скопските ракометари. Тие толку беа свикнати на честите непријатни ситуации што искрснуваа и се јавуваа како проблем, кој стана веќе и акутен, така што и сега минуваа преку сѐ и со ведрина гледаа кон иднината. Во таков стил, со ведар дух и со желба за ново докажување ги почнаа пролетните натпревари во Првата сојузна лига. Меѓутоа, за да види до каде се стигнати со физичката подготвеност, тренерот Матовски инсистираше да се одиграат и неколку пријателски натпревари. Тоа беше исполнето од луѓето на Управата и Работнички имаше два дуела со Железничар од Ниш, клуб што и во минатото имаше одлични резултати во голем ракомет, а и сега успешно се престројуваше и полека стануваше фактор и во малиот ракомет. Првиот натпревар со нишлиите се одигра на нивни терен и тие беа победници со 24-21. Тоа беше добар индикатор за Матовски да се увери дека, и покрај несоодветните услови за подготовки, сепак, екипата функционираше добро. Особено, неговото задоволно беше поголемо по реваншот во Скопје, во кој Работнички одигра квалитетно, за што говори и уверливата победа со 21-11. Сега се очекуваше само пролетниот почеток и првата средба со Загреб на негов терен.
Стравот околу тоа дали почетокот ќе биде успешен, беше присутен во стручниот штаб, но и кај играчите, иако тие не го покажуваа тоа. Сите беа свесни оти од тоа каков старт ќе имаат ќе зависи атмосферата во клубот. Затоа, во игра влегоа многу мотивирано и со желба за успех. Со оглед на тоа што по првиот дел од натпреварите се најдоа во опасната зона мораше да се даде максимумот за да се избегне најлошото, да се испадне од елитното друштво уште во првата прволигашка сезона. Носејќи се од оваа мисла, скопските „железничари“ влегле храбро во игра. Малерот да биде поголем, Загреб не можел да ја користи салата од саемот, зашто имало некоја друга манифестација, па бил принуден гостите да ги пречека на отвореното игралиште, кое по обилните дождови било калливо и тешко за игра.
„Пред почетокот барав од играчите да бидат концентрирани и да не се впуштаат во непотребни авантури. Напротив, да играат мирно и без некои егзибиции, зашто теренот не го дозволуваше тоа“, пишува во својата книга Славко Матовски.
Веројатно истото тоа го мислеа и домашните ракометари и нивниот стручен штаб, па од двете страни се тргна многу внимателно. Инаку, за почетно охрабрување младиот Томановиќ постигнал гол за водство на Работнички. Но домаќините набрзо израмниле, а потоа и дошле во водство со 2-1. Интересно е дека до крајот на првото полувреме бил постигнат уште по еден гол на двете страни. Второто полувреме било полно со прекини, а судијата Иван Сној не ја испуштал ситуацијата од своите раце и одлично го водел натпреварот. На крајот, по многу маки и тешкотии, сепак, правдата била задоволена, мечот завршил без победник, со неверојатно малку постигнати голови, 6-6. Домаќините нормално биле разочарани, зашто очекувале сигурна победа на стартот, а гостите среќни зашто со освојувањето на првиот пролетен бод покажале оти нема да се предадат лесно.

Засилување на голманската позиција

Работнички неочекувано во преодниот рок меѓу двете полусезони се засили со уште еден квалитетен голман. Сега, во името на Вељко Лојпур досегашниот чувар на мрежата Ѓукиќ доби одлична замена, но и конкуренција. Лојпур дојде од Сплит за да студира на еден од факултетите на скопскиот универзитет. Инаку, тој со својот изглед и гестикулациите што ги правеше пред голот им стана симпатичен на гледачите. Беше многу интересен и темпераментен како вистински Далматинец. Тој не знаеше да се налути или, пак, ако беше доведен во таква ситуација, прво ќе им свикаше на соиграчите за слабо поставената одбрана, а потоа со насмевка на лицето ќе одмавнеше со раката, како да сакаше да каже не лутите ми се одиме натаму. Сето тоа што го правеше Лојпур им беше интересно и на навивачите на Работнички и тие одвај чекаа да го видат на голот, на местото што дотогаш беше загарантирано само за Ѓукиќ.
Новодојдениот голман своето деби во скопскиот тим го имаше уште во првото, а пред скопјани дебитира во второто пролетно коло, всушност 11. во Првата сојузна лига. За негова среќа, иако тешко, сепак, Работнички оствари победа над Младост од Загреб со 9-7. На овој натпревар беше постигнат и рекорд по бројот на гледачи, за кои се претпоставува оти на трибините имало околу 3.500. Оваа бројка беше неверојатна за другите клубови, зашто кога тие играа дома одвај имаа по 1.000 гледачи. Единствено бројката била поголема доколку се работело за некој дерби-натпревар.
Кога се навраќаме на овој натпревар, треба да се потенцира оти најмладите играчи на скопскиот тим Томановиќ и Н. Матовски ги потврдиле своите голгетерски способности и двајцата, од деветте гола, постигнале дури осум, и тоа Тофо пет, а Коле три. Веќе и гледачите ги препознале идните надежи на Работнички и им давале целосна поддршка во текот на играта, а по завршувањето на средбата Тофо бил изнесен од теренот на рамена од радосните гледачи.
Во следните два натпревара Работнички немаше сили да му се спротивстави на белградски Железничар и загуби на негов терен со 16-11, затоа, пак, во следниот меч во Скопје ја победи Млада Босна со 17-6. Во овој дуел, за разлика од претходните, голем придонес во играта дадоа и ветераните Славко Матовски и Миле Кратовалиев, кои постигна по три гола. Сепак, и овој пат младиот Томановиќ беше прв стрелец со четири погодока. Ова беа ѕвездени мигови на Томановиќ, за кого љубителите на ракометот говореа во суперлативи, а новинарите ја користеа секоја шанса да ги истакнат неговите квалитети.
Во документацијата на РК Работнички посебно место беше дадено на натпреварот со Локомотива во Загреб, во рамките од 5. пролетно коло. Овој меч на некој начин требаше да биде клучен, за во завршницата скопјаните да имаат помирен сон и опстанокот да биде обезбеден. Тоа го знаеја и ракометарите, па затоа сите со нетрпение ја очекуваа тактиката од Славко Матовски. Тој, пак, како искусен лисец, кој прегрмел многу вакви дуели, постави игра против која загрепчаните никако не можеа да најдат решение и да се спротивстават. Работнички не само што победи туку победата беше изразена со 11 гола разлика, 25-14.
Така, со три победи и по едно реми и пораз во првите пет кола од пролетниот дел скопјаните скокнаа кон побезбедните позиции на табелата и сега мирно ги очекуваа следните дуели. За тоа што се случуваше до крајот од првата прволигашка сезона на Работнички ќе читате идната недела.