ШТО ТРЕБА ДА ЗНААТ МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ ПРЕД ЛЕТНАТА СЕЗОНА 2026 ГОДИНА

Грција, една од омилените летни дестинации за македонските туристи, ова лето воведува значително построги правила за користење на крајбрежјето, кои суштински ќе го променат искуството на одмор на дел од нејзините најубави плажи. Со новата регулатива, дури 251 плажа се ставаат под целосна заштита, што значи дека тие ќе останат без лежалки, чадори, т.н. барови на плажа и без каква било комерцијална инфраструктура. Оваа одлука, донесена од грчкото Министерство за животна средина, има цел да ги зачува највредните природни подрачја – плажи со исклучително еколошко, геоморфолошко и естетско значење.

Што точно се менува?

На дел од плажите, особено оние во рамките на европската мрежа „НАТУРА 2000“, ќе важи целосна забрана за:
– поставување лежалки и чадори;
– изградба на објекти и платформи;
– поставување барови на плажа и привремени конструкции;
– оградување или приватизација на делови од плажата.
Практично, туристите ќе можат да ги користат овие плажи исклучиво со сопствена опрема – пешкир, простирка и личен чадор. Ова значи враќање кон природниот изглед на плажите, без урбанизација и масовен туризам. Причина за новите прописи во Грција е фактот што во последните години, грчките власти се соочија со сериозни проблеми поврзани со неконтролирано заземање на плажите од концесионери и туристички бизниси. Само преку апликацијата „Мај коуст“, граѓаните пријавиле над 11.500 случаи на неправилности, односно тоа било најчесто нелегално поставени лежалки, ограничен пристап до плажите и узурпација на јавен простор. Ова доведе до засилени инспекции, високи казни и нови законски ограничувања. Покрај целосно заштитените плажи, нови правила важат и за организираните плажи. Издвојуваме неколку најзначајни нови прописи од воведените законски новини:
– најмалку 50 отсто од површината мора да биде слободна за јавноста;
– во заштитени подрачја, слободниот простор достигнува и до 85 отсто;
– концесиите се ограничени по големина и услови;
– казните за прекршувања достигнуваат десетици илјади евра.
Со ова, властите во Грција ставаат јасно до знаење дека плажите се јавно добро и не смеат да бидат целосно комерцијализирани. Грција со оваа стратегија прави јасен пресврт, и тоа од масовен и комерцијализиран туризам кон одржлив модел што ја става природата во преден план. Пример за ваков пристап веќе постои на острови како Куфониси, каде што локалните заедници успеаја да спречат поставување лежалки и да ги зачуваат плажите во нивната природна состојба. Овој тренд сега се проширува на национално ниво.

На што треба да обрнат внимание македонските туристи?

За граѓаните на Македонија, кои традиционално летуваат во Грција, особено во региони како Халкидики, олимписката ривиера и островите, оваа промена носи неколку важни импликации.
Прво, нема сите плажи да имаат лежалки и барови.
Второ, на дел од најубавите и најпознати природни плажи ќе мора да се оди „подготвен“. Трето, изборот на плажа ќе стане поважен, дали сакате комфор или недопрена природа, велат претставници од македонските туристички агенции, додавајќи дека имаат впечаток, од долгогодишното искуство на туристички оператори во Грција, дека „некои туристи ќе го поздрават ова како можност за мирен одмор, додека други ќе мора да се приспособат на новите услови“.
Според соговорниците, за туристите што во свој аранжман планираат одмор на крајбрежјето во Грција, би било препорачливо да се информираат претходно за новите правила.
Доколку планирате летување во Грција оваа сезона, препорачливо е однапред да проверите дали плажата е организирана или заштитена, да понесете сопствен чадор и опрема, да не очекувате услуги на сите локации и, се разбира, да ги почитувате локалните правила и ограничувања, бидејќи и контролите од надлежните ќе бидат засилени, а со тоа и санкционирањето на евентуалните кршења на новите прописи, истакнуваат туристичките работници. Грчките власти веќе најавија засилени контроли на терен, па прекршувањата нема да се толерираат.