НУ Театар за деца и младинци – Скопје ја одржа премиерата на претставата „Златокоса“, работена по текст на Горјан Милошевски и Драган Довлев, во режија на Драган Довлев. „Златокоса“ е современа сценска интерпретација на познатата бајка, која отвора важни прашања за детството, семејството и начинот на комуникација меѓу најблиските. Како што посочува коавторот Горјан Милошевски – драматург во Театарот за деца и младинци, „Златокоса е дете што сака да си игра, кое сака топлина и љубов, но тие нешта како да се заклучени длабоко во нејзиното срце“, при што детето расте во средина обележана со недоразбирања и емоционална оттурнатост. Во такви околности, Златокоса тргнува на патување низ шумата, кое ја носи до домот на трите мечки – место што наликува на сон, каде што „секој секого слуша, разбира, почитува, му помага и го љуби безусловно и без лутина“.
Драмскиот текст на Милошевски и Довлев ја следи внатрешната трансформација на детето, кое преку игра, пријателство и искрен однос со светот околу себе почнува да го открива „клучот“ до сопствените чувства и потреби. Во тој процес, како што истакнува Милошевски, „клучот се крие онаму кај што најмалку очекува, кај едно семејство ‘ѕверови’ што умеат да не викаат“, што отвора можност не само за лична промена туку и за ново разбирање на домот од кој потекнува.
Иако е наменета за деца, претставата носи слоевита порака и за возрасните, потсетувајќи на значењето на вниманието, трпението и емпатијата во секојдневната комуникација. Низ едноставна, но емотивно силна сценска форма, „Златокоса“ ја гради својата приказна како искуство за целото семејство.
Актерската екипа на претставата ја сочинуваат: Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Владимир Лазовски, додека во алтернации настапуваат: Анастасија Ласовска, Изабела Новотни и Драган Довлев.
Сценскиот свет на „Златокоса“, во кој шумата оживува, а мечките стануваат блиски како луѓе, го создава креативниот тим составен од: Кирил Василев (сценографија и дизајн на кукли), Игор Василев (композитор на музиката), Љубица Велкова (костимографија), Симона Спировска (кореографија), Оливер Ставрев (дизајн на светло) и Ангеле Насковски (звучен дизајн). Куклите ги изработија Кирил Василев и Бранкица Јордановска, која наедно го потпишува дизајнот на плакатот, а функцијата инспициент ја извршуваат Ѓуро Дракулоски и Ирена Глигоровска. Реквизитери на претставата се Кирил Василев и Бранкица Јордановска.
Со оваа втора премиера годинава, Театарот за деца и младинци продолжува да создава претстави што потсетуваат колку е важно да се слушаме, разбираме и да зборуваме и кои отвораат простор за приближување меѓу генерациите.

































