Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Собранието на денешната 98. седница усвои повеќе законски решенија по скратена постапка, меѓу кои и измените на законите за минерални суровини, за концесии и јавно‑приватно партнерство, за јавните претпријатија, како и за внатрешната пловидба. Расправата за измените на Законот за пратениците, со кои се предвидува услов кандидатите да имаат исклучиво македонско државјанство, беше одложена откако седницата беше прекината.

Пратениците го донесоа Предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, кој предвидува јавните претпријатија да можат да добијат концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини од јавен интерес, со претходна согласност од Владата, како и да поднесат барање за дозвола за експлоатација. Законот предизвика расправа и реакции во пленарната сала.

Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ оцени дека предложените измени наидоа на голема реакција кај јавноста, граѓанските организации и граѓаните, кои стравуваат од можни злоупотреби на поимот „јавен интерес“. Таа предупреди дека со конкретни членови се отвора простор јавниот интерес да се користи како параван за процеси што можат директно да задираат во правото на сопственост, посочувајќи дека експропријацијата треба да биде исклучок, а не административна алатка за олеснување на рударските интереси.

– Со член 3 се отвора простор јавниот интерес да се користи како параван за олеснување на процеси што директно задираат во правото на сопственост на граѓаните. Експропријацијата е најсериозната интервенција што една држава може да ја направи. Таа треба да биде исклучок, строго контролирана мерка, а не административна алатка што индиректно би се користела за олеснување на рударските интереси – рече таа.

На критиките одговори пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО‑ДПМНЕ, кој истакна дека изнесените забелешки не се точни и дека законот се однесува исклучиво на јавни претпријатија и на минералната суровина јаглен.

-Со овој закон се воведува дополнителна контрола од страна на државата, се бара за кој било енергенс да има прехтодна согласност од владата – нагласи тој.

Пратеникот Сашко Јанчев од Левица, пак, оцени дека измените се резултат на влијание од рударското и енергетското лоби и дека се остава простор приватниот интерес да доминира над јавниот. И покрај спротивставените ставови, законот беше изгласан и донесен со 63 гласа „за“.

Собранието денеска го усвои и Предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно‑приватно партнерство, со кој се овозможува воспоставување јавно‑приватно партнерство и по иницијатива на приватен партнер. Според предлагачот, целта е обезбедување дополнителни финансиски ресурси, зголемување на ефикасноста, внесување иновации и споделување на ризикот при реализација на јавните проекти.

 

Тренчевска оцени дека под превезот на модернизација се турка модел во кој државата се повлекува како носител на развојот, оценувајќи дека тоа претставува „приватизација на процесот на одлучување“. И овој закон доби поддршка од мнозинството пратеници.

По скратена постапка беше донесен и Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, со кој се прават промени во условите за избор на директори, особено во делот на познавањето странски јазик, како и уредување на прашањата поврзани со престанокот на функцијата директор како мандатна функција. Усвоен беше и Законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, кој се однесува на техничко допрецизирање и усогласување на постојните одредби.

Расправата беше прекината пред последната точка од дневниот ред која се однесуваше на измените на Законот за пратениците, со кои се предвидува  кандидатот за пратеник да има само државјанство на Република Северна Македонија.

Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ја прекина седницата, со информација дека нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано, пренесува МИА.

Собранието попладнево го донесе Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодната) влада. Т.н. пржинска влада беше воведена како ад хок решение за изборите во 2016 година  и како механизам што ќе гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри предложени од опозицијата во 100-те дена пред одржување  на изборите.