- На актуелната табела води Арсенал, а вкупно меѓу првите 10 тима по три се од Германија и од Шпанија, два од Англија и по еден од Франција и од Италија. Рангирањето за Европа се базира на резултатите на клубовите остварени во ЛШ во четиригодишниот циклус од 2025 до 2028 година
Арсенал води на моментната ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за пласман на клупското Светско првенство (СП) во 2029 година. ФИФА неодамна ја објави актуелната листа, според која треба да бидат одредени најмалку осум учесници на клупскиот Мундијал, покрај европските прваци во четиригодишниот циклус од 2025 до 2028 година.
По Арсенал на табелата засега е единствената екипа што обезбеди настап на клупското СП 2029, актуелниот европски првак Пари сен Жермен. Меѓу првите 10 тима по три се од Германија и од Шпанија, два од Англија и по еден од Франција и од Италија.
Рангирањето за Европа се базира на резултатите на клубовите остварени во Лигата на шампионите (ЛШ) во тој четиригодишен циклус, и тоа победите, нерешените резултати и пласманите во понатамошни фази од натпреварувањето.
За клупското СП играно во 2025 година од оваа ранг-листа, девет тима обезбедија пласман на планетарниот шампионат, и тоа Салцбург, Интер, Јувентус, Пари сен Жермен, Баерн, Борусија Дортмунд, Бенфика, Порто и Атлетико Мадрид. Директен пласман остварија европските прваци во периодот од 2021 до 2024 година, Челси, Реал Мадрид и Манчестер сити.
За клупското СП одиграно во 2025 година имаше ограничување, па најмногу по два тима од иста земја можеа да настапат на првенството, освен ако не се континентални прваци, па така, Бразил имаше четири претставника. Првото издание на Светското клупско првенство во неговиот нов формат, со учество на 32 клуба од целиот свет, се одржа лани во САД, а победник беше Челси.
Досега пласман на клупското Светско првенство во 2029 година обезбедија неколку континентални шампиони, и тоа Пари сен Жермен (Франција), Ал-Ахли (Саудиска Арабија), Пирамидс (Египет), Фламенго (Бразил) и Круз Азул (Мексико).
Моментен пласман на првите десет клуба од Европа на листата на Светската фудбалска федерација: Арсенал 103 бода, Пари сен Жермен 97, Баерн 92, Барселона 92, Ливерпул 78, Интер 76, Реал Мадрид 75, Атлетико Мадрид 74, Борусија Дортмунд 58, Баер 57. Н.М.

































