Културните работници денеска во 13 часот протестираа пред Уставен суд на Македонија, во организација на Синдикат на културата на Република Македонија, изразувајќи загриженост дека постапката за оценување на Колективниот договор во културата може да доведе до укинување на веќе стекнати работнички права.
Протестот следи по претходно собирање пред Министерството за култура, а синдикатот порача дека Уставниот суд треба да биде „последниот штит на правдата“ и заштитник на работничките права.
Од СКРМ истакнаа дека случајот со Колективниот договор не е само правно-техничко прашање, туку прашање што директно ги засега правата на културните работници.
– Ако денес падне културата – утре паѓаат сите. Ова не е формалност, туку суштинско прашање – порачаа од синдикатот, посочувајќи и на разлики во претходни и сегашни ставови на судот за истото прашање.
Тие нагласија дека Колективниот договор не е привилегија, туку резултат на долготрајни преговори и трудов борбен процес, и предупредија дека негово укинување би можело да има пошироки последици врз сите колективни договори.
– Рацете подалеку од Колективниот договор. Ние не сме буџетска ставка, туку луѓе. Правдата не е алатка за штедење – порачаа демонстрантите.
Во меѓувреме, од Уставниот суд соопштија дека постапката се наоѓа во фаза на оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор, и дека конечна одлука сѐ уште не е донесена.
Од судот појаснија дека нивната надлежност се однесува исклучиво на правната усогласеност на актите со Уставот, а не на статусот или правата на културните работници.
– Предмет на оценување е актот, а не културните работници или нивните примања – наведуваат од Судот.
Постапката е поведена по иницијатива на адвокатот Томислав Стефков, како и по сопствена иницијатива на Судот во дел од одредбите од Законот за култура.







































