Во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ што ја реализира Републичкиот совет за безбедност на патиштата, денеска во организација на Опшштина Прилеп, во ЦК „Марко Цепенков“ се одржа едукативната театарска претстава „ Застани, погледни, па на пешачки премин премини“. На настанот присуствуваа околу 600 првачиња.

– Целта ни е да се едуцираат младите за како да се движат во сообраќајот, бидејќи безбедноста е многу важна. Младите треба да знаат како да се движат во сообраќајот, да внимаваат и да ги почитуваат сообраќајните правила. За општина Прилеп приоритет е безбедноста. Иако полека се поправа безбедноста во сообраќајот во градот, сепак не е на завидно ниво. Затоа продолжуваме со подобрување на инфраструктурата за побезбеден сообраќај. Имаме неколку раскрсници на кои треба да се реши проблкемот во сообраќајот, затоа минатата недела дронови снимаа проток на сообраќај на тие места. Контактиравме со Техничкиот факултет во Битола и очекуваме да ни дадат соодветно решение за решавање на проблемот. Сообраќајната студија ќе се изработува на ниво на цела општина и ќе се вклопи во генералниот урбанистички план – рече градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакнувајќи дека наскоро ќе имаат активности и за матурантите.
Според м-р Горан Ангеловски од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата овие едукативни кампањи се дел од активностите за подигнување на свеста на младите за поголема безбедност во сообраќајот.
Ка.М.




































