Putin-Aragci
Фото: ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи во Санкт Петербург, при што беше потврдена намерата за натамошно зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.

Путин на почетокот на средбата посочи дека неодамна добил порака од врховниот лидер на Иран, изразувајќи благодарност и подготвеност за продолжување на соработката, пренесе РИА новости.

– Русија, исто како и Иран, има намера да ги продлабочува нашите стратешки односи – истакна рускиот претседател.

Тој изрази надеж дека иранскиот народ ќе го надмине актуелниот тежок период и дека мирот ќе преовлада, нагласувајќи дека Москва ќе направи сè што е во интерес на стабилноста во регионот.

Путин ја потенцираше и, како што рече, „храброста и отпорот“ на иранскиот народ во одбрана на својата независност и суверенитет.

Од своја страна, Арагчи му се заблагодари на рускиот претседател за поддршката што Иран ја добива од Русија.

– Благодарни сме за цврстата и силна поддршка – изјави шефот на иранската дипломатија.

Тој, исто така, се заблагодари за изразеното сочувство по смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, како и за честитката упатена до неговиот наследник Моџтаба Хамнеи.

Средбата доаѓа во контекст на засилени геополитички тензии, при што Москва и Техеран ја нагласуваат потребата од продлабочување на соработката и стабилизација на регионот.