Мотивот за двојното убиство на сопружниците Мујечи, кое се случи во близина на Лежа, е крвна одмазда, потврди Арбен Насуфи.
На прес-конференција, Насуфи изјави дека се идентификувани три лица како сторители и соучесници, на возраст од 22 до 36 години. Двајца од нив се роднини на 47-годишен маж убиен во 2016 година, за чие убиство како соучесник бил осомничен, а подоцна ослободен, Крешник Мујечи, пренесе МИА.
Според истрагата, возилото „ауди А4“ во кое се наоѓале Крешник и неговата сопруга Гентиана Мујечи било следено од автомобил „фолксваген“ без регистарски таблички. Напаѓачите го блокирале патот и испукале околу 30 куршуми од автоматска пушка.
Полицијата сè уште трага по осомничените, а на терен е во тек засилена операција во која учествуваат и припадници на РЕНЕА, како и други безбедносни структури.
Крешник Мујечи бил уапсен во 2017 година за настан поврзан со убиството од 2016 година, но подоцна бил ослободен од обвиненијата. Сопружниците Мујечи биле родители на четири деца и биле познати по хуманитарни активности.
Според традиционалниот канун, крвната одмазда сè уште постои како појава во Албанија, иако значително поретко. Иако правилата предвидуваат да не се извршува во присуство на жени и деца, ваквите ограничувања во пракса често не се почитуваат.




































