Фото: МИА

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска пред собраниската Комисија за надворешни работи изјави дека целосно ја поддржува позицијата на премиерот дека државата не може да пристапи кон уставни измени без јасни гаранции и предвидливост за нејзиниот европски пат, пренесе МИА.

Тој потсети на пораки од претставници на Европската унија, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и министерот за надворешни работи на Белгија, кои, според него, укажале дека на државата ѝ се потребни дополнителни гаранции и уверувања во процесот на проширување.

Муцунски оцени дека досегашната пракса со евроинтеграциите покажува долгогодишни отстапки без доволна предвидливост, што, како што рече, довело до повторно отворање на веќе затворени прашања.

Во однос на односите со Бугарија, министерот рече дека постојат сериозни предизвици, не само во врска со уставните измени, туку и во контекст на други отворени прашања, меѓу кои го спомена и Акцискиот план за малцинства и блокирањето на регионални иницијативи.

Тој нагласи дека државата е посветена на дијалог и градење доверба, но дека тоа не значи прифаќање нови условувања без јасни гаранции. Според него, националните прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историјата не треба да бидат предмет на преговори во процесот на пристапување кон ЕУ.

Муцунски порача дека европската интеграција останува стратешка цел, но дека таа мора да се базира на фер и меритократски критериуми, без билатерални условувања кои се менуваат со текот на времето.

Тој оцени дека државата е поблиску до Европската унија од аспект на реформскиот процес, но дека политичките пречки и билатералните спорови остануваат клучен предизвик. Како позитивен пример ја посочи реформската агенда како инструмент што го олеснува приближувањето кон ЕУ.

Во одговор на пратенички прашања, Муцунски се осврна и на прашањето за двојното државјанство кај функционерите, изразувајќи поддршка за јавна дебата по ова прашање.

Тој истакна дека идниот дијалог со новата влада во Бугарија треба да се темели на почит и взаемна доверба, со цел надминување на отворените прашања и унапредување на регионалната соработка.