Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска изрази длабока загриженост по синоќешниот вооружен инцидент што се случи за време на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во Вашингтон, пренесе МИА.
Во објава на платформата Икс, Муцунски истакна дека насилството нема место во демократските општества, без разлика дали е насочено кон избрани лидери, јавни службеници, новинари или граѓани.
-Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама Меланија Трамп и останатите присутни се безбедни, и му посакувам брзо закрепнување на повредениот офицер на Тајната служба – напиша Муцунски.
Тој порача дека Македонија стои заедно со Соединетите Американски Држави во заштита на демократијата, јавната безбедност и принципите врз кои се темелат слободните општества.



































