Фото: Пиксабеј

Родиумот е најскапиот природен метал на светскиот пазар, со цена што надминува 325 долари за грам, изјави професорот од Руски економски универзитет „Плеханов“, Михаил Гордиенко, пренесе МИА.

Тој објасни дека родиумот припаѓа на групата платинести метали и дека неговата висока цена произлегува од тоа што не се ископува директно, туку се добива како спореден производ при експлоатација на платина и паладиум.

Според Гордиенко, влезот на пазарот на родиум зависи од развојот на наоѓалиштата на овие метали. Тој посочи дека во иднина пазарот ќе биде условен од продолжување на работниот век на постојните рудници, проширување на нивните капацитети и зголемена преработка на отпад, наместо отворање на нови големи наоѓалишта.

-Околу 80% од родиумот се користи во автомобилските катализатори за намалување на штетните емисии – додаде тој.

Според податоците на Геолошки завод на САД, Јужна Африка располага со 72% од светските резерви на метали од платинестата група, Русија со 10%, а Зимбабве со 8%, додека останатите земји имаат помалку од 1%.