Европска Унија покажува голем интерес за Коридор 8, кој, како што изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е прогласен за втор најзначаен безбедносен коридор во НАТО Алијансата, пренесе МИА.
Тој посочи дека коридорот започнува во Италија и продолжува преку Драч, Тирана, Охридското Езеро, Скопје, Деве Баир, Софија, Варна и Бургас, па сè до Одеса, што му дава големо значење во актуелните глобални безбедносни и геополитички случувања.
Во поткастот на порталот „Курир“, Николоски додаде дека од Европската Унија постои интерес и за Коридор 10, кој се смета за најдолг и највитален европски коридор, и се протега од пристаништето Пиреја до Хелсинки.
Тој информираше дека во моментов е во тек процедура за избор на изведувач, во соработка со Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), за дел од трасата на Коридор 8 на потегот од Букојчани.
Николоски нагласи дека Македонија има исклучително поволна географска положба, бидејќи двата паневропски коридори се сечат источно од Скопје, додека третиот европски коридор, Коридор 4, поминува паралелно во Бугарија.
-Имаме уникатна позиција и се обидуваме да ја искористиме за економски развој и подобар живот за граѓаните – изјави тој.

































