Три товарни брода биле нападнати во Ормускиот Теснец, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на британската служба за поморска безбедност.
Според службата за поморска безбедност, првиот брод бил нападнат од чамец на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ). Иранскиот портал „Нур њуз“, поврзан со Врховниот совет за национална безбедност, тврди дека гардата отворила оган откако бродот ги игнорирал предупредувањата.
„Би-би-си“ наведува дека втор брод бил запрен откако бил изложен на оган, додека трет брод исто така бил цел на напад при обид да го мине теснецот.
Иранската агенција „Фарс“ објави дека зад нападите стои Иранската револуционерна гарда.
Овие инциденти се случуваат само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави продолжување на примирјето со Иран, кое требаше да истече оваа недела.
Трамп изјави дека одлуката била донесена по барање на Пакистан, кој посредува во разговорите, но нагласи дека блокадата на иранските пристаништа ќе продолжи.
Ормускиот Теснец е една од најважните светски поморски рути, преку која минува значителен дел од глобалната трговија со нафта.


































