Фото: Пиксабеј

Иранската новинска агенција Тасним објави дека Иран е „целосно подготвен“ за можноста од повторно избувнување на воен конфликт.

Според објавата, Техеран подготвува распоредување на воени сили, изработува список на потенцијални цели и најавува нови „изненадувања“ во случај на ескалација.

Оваа порака доаѓа по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за „Си-ен-би-си“, во која тој оцени дека Иран „нема избор“ освен да испрати претставници на разговори со САД во Исламабад.

Трамп не ја исклучи можноста за продолжување на воените дејствија, наведувајќи дека бомбардирањата би биле „подобар пристап“. Тој додаде дека американската армија го искористила примирјето за да ја обнови воената опрема и дека е подготвена за нови напади.

 = Вооружени сме до заби… Армијата е подготвена – изјави Трамп.

Во меѓувреме, и двете страни сигнализираат подготвеност за продолжување на конфликтот, додека останува неизвесно дали ќе се одржи нова рунда преговори пред истекот на двонеделниот прекин на огнот.

Примирјето меѓу САД и Иран истекува во среда по американско, односно во четврток по иранско време.

Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека сè уште нема одлука за испраќање делегација во Исламабад, ниту се објавени условите за враќање на преговорите.

Во првиот круг разговори не беше постигнат напредок околу клучните прашања – иранската нуклеарна програма и статусот на Ормуска Теснина.