Фото: Министерство за земјоделство

Владата донесе одлука за ограничување на профитните маржи на вештачките ѓубрива со цел да се спречи растот на цените и да се заштитат земјоделците и домашното производство, информираше министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

Одлуката е донесена на 166-тата владина седница и ќе се применува до 31 мај 2026 година.

Со првата мерка се ограничуваат маржите во трговскиот ланец:

  • кај неорганските ѓубрива – до 5 отсто во трговија на големо и 5 отсто во малопродажба;
  • кај органските, органо-минералните ѓубрива и биостимулаторите – до 10% на големо и 10 проценти на мало.

Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот, при што трговците ќе мора да обезбедуваат најмалку 70% од просечните количини што ги набавиле или продале во текот на 2026 година.

Со втората одлука се предвидува и намалување на продажните цени за 10% за залихите набавени по повисоки, претходни цени.

– Целта е да се обезбеди достапност до ѓубривата и да се заштитат земјоделците од ценовни шокови – истакна Трипуновски.

Одлуките се донесени по консултации со увозниците и врз основа на анализа на Државниот пазарен инспекторат, кој утврдил раст на цените на ѓубривата.

Од Владата посочуваат дека зголемувањето на цените директно влијае врз трошоците на производството и создава притисок врз земјоделците, поради што целта е стабилизација на пазарот и намалување на трошоците.

Надлежните најавуваат дека состојбата ќе се следи и во наредниот период, со можност за дополнителни мерки доколку тоа биде потребно.