Тројца актуелни или поранешни директори на јавни здравствени установи вратиле вкупно 1,5 милиони денари, кои ги примиле по основ на неправилна пресметка на плата, информираше генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
– Во три случаи актуелни или поранешни директори ги вратија погрешно пресметаните приходи од околу милион и пол денари – изјави Клековски.
Тој нагласи дека покрај медицинската, Фондот спроведува и континуирана финансиска контрола, со цел спречување на злоупотреби.
Одговарајќи на прашање дали очекува и други враќања на средства, Клековски посочи дека е потребно градење систем заснован на меѓусебна доверба и почитување на правилата.
– Ќе ги зголемуваме платите и ќе ја вреднуваме работата, но истовремено очекуваме фер однос и прекин на злоупотребите – истакна тој.
Според него, во здравството веќе има зголемувања на приходите, вклучително и 33 отсто повисоки капитации за матичните лекари, како и претходни зголемувања од 17 проценти.
Клековски потенцира дека нема да се дозволи „самовреднување“ и самостојно одредување на примањата.
– Не може да дозволиме самонаплата. Ќе има јасни и фер правила кои сите ќе мора да ги почитуваат – додаде тој.
Тој најави дека комуникацијата со јавните здравствени установи и синдикатите ќе продолжи, со цел воспоставување поефикасен и правичен систем во здравството, пренесе МИА.

































