Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека на денешната средба во Владата со амбасадорите на Европската Унија се разговарало за напредокот и следните чекори во спроведувањето на реформската агенда.

Тој истакна дека реформите веќе не се само план на хартија, туку даваат конкретни и мерливи резултати.

– Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати – наведе Мицкоски.

Според него, во изминатиот период е забрзано спроведувањето на реформите во клучните области, при што дел од мерките се веќе реализирани, а други се движат побрзо од предвиденото.

Премиерот посочи дека напредокот е резултат на силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и фокус на резултати.

Во делот на јавните финансии, како што нагласи, се работи на зајакнување на отчетноста и транспарентноста, со подобрено управување со ризиците и построги контроли врз јавната потрошувачка.

– Јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно – порача Мицкоски.

Тој додаде дека реформите се дел од поширока трансформација која ја приближува економијата кон Единствениот пазар на Европската Унија и придонесува за зајакнување на институциите во согласност со европските стандарди.

Мицкоски нагласи дека државата останува целосно усогласена со Европската Унија, на политички, економски и стратешки план.