- Што навистина кажуваат бројките за бугарските гласачи во Македонија? Најважната порака можеби лежи токму во самиот процес во врска со изборите во Бугарија. Без разлика на бројките, фактот дека постои можност за слободно пријавување и учество во избори на друга држава зборува за нивото на демократски капацитет во Македонија. Граѓаните имаат право да се идентификуваат, да учествуваат и да се изразуваат и тоа право, очигледно, се практикува! Тивките, ситни бројки, во овој случај, испраќаат гласна порака. Прашањето е дали Софија сака да ја слушне?
Од вкупно 3.504 декларирани Бугари во Македонија, само 210 лица се пријавиле за гласање на претстојните парламентарни избори во Бугарија. Овој податок, сам по себе, можеби изгледа како обична статистика, но во суштина отвора серија прашања со пошироки политички, социолошки и регионални импликации.
Распределбата на пријавените гласачи е концентрирана во неколку града: најмногу во Струмица – 62, потоа Охрид со 56, Прилеп со 52, Скопје со 29 и Битола со 11 гласачи. Иако постои можност за пријавување и директно на избирачките места, досегашниот одзив укажува на ограничен интерес. Во споредба со 2022 година, кога биле пријавени 461 гласач, сегашната бројка претставува речиси двојно намалување.
Ова се случува во период кога Бугарија ги одржува осмите парламентарни избори во последните пет години – индикатор за длабока политичка нестабилност. Честите изборни циклуси, очигледно, не ги мотивираат гласачите надвор од државата туку, напротив, создаваат разочараност, замор и дистанца.
Првата и најочигледна порака од овие бројки е токму таа политичка дистанца од Софија. Очигледно постои слаб интерес кај граѓаните во Македонија што се декларираат како Бугари да учествуваат во политичките процеси на својата „матична држава“ заради непринципиелностите што се генерираат од таму и на домашен и на меѓународен план. Ова не може да се толкува само како знак на политичка апатија, па и одбивност од актуелна Софија, туку и како резултат на недоверба во севкупниот мејнстрим на политичкиот систем во Бугарија.
Втората димензија е уште почувствителна.
Ниската бројка на пријавени гласачи во Македонија за гласање на новите вонредни осми парламентарни избори за време од пет години отвора прашања за реалниот број на лица што не само што се декларираат како Бугари туку и активно се идентификуваат со таа припадност на начин што подразбира политичко учество. Декларативната припадност што некој однадвор се обидува да ја фингира и практичната нивна ангажираност очигледно не се поклопуваат.
Третиот аспект се однесува на политиките на Софија. Падот од 461 гласач во 2022 на 210 во 2026 година на гласачите во Македонија за бугарските избори сугерира дека напорите на Софија, онакви какви што ги практикува, заради анимирање на бугарските државјани и симпатизери во Македонија, всушност не даваат резултати. Особено контроверзните нивни пристапи, како што се ревидирање на историјата, ретуширање на историски наративи и отворање културни клубови со спорни имиња, од некое фашистичко- агресорско минато на Бугарија, не само што не мобилизираат туку создаваат и одбивност, и тоа и кај бугарските државјани во Македонија, колку и да се тие.
Во тој контекст, се отвора и прашањето за легитимноста на барањата за уставно признавање „државотворен бугарски народ“ во Македонија. Според меѓународните стандарди, ваква мала бројка тешко може да се третира како основа за таков статус. Наместо тоа, бројките повеќе упатуваат на постоење на малцинство, и тоа релативно мало во споредба со другите етнички заедници. Само за споредба, македонското малцинство во Бугарија е многукратно побројно, а не е признаено со статус на малцинство и права.
Четврто, податоците укажуваат дека бугарската заедница во Македонија квантитативно претставува најмал етнички ентитет во државата. Сепак, и покрај тоа, таа ги ужива сите права и преференции што им следуваат на малцинствата според европските стандарди, што го отвора прашањето дали политичките барања се во согласност со реалната демографска состојба. Токму овде се отвара и прашањето за реципроцитетот, но за тоа во друга пригода.
Петто, трендот на опаѓање не е изолиран само кај оваа заедница. Тој е дел од поширок демографски пад што ја зафаќа целата држава. Економско-социјалните причини – миграцијата, подобрите можности во странство итн. еднакво ги погодуваат сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Шесто, последователно на претходното, важно е да се нагласи дека овие бројки не укажуваат на постоење на притисоци врз граѓаните што се чувствуваат како Бугари. Напротив, процесот на пријавување и учество во избори покажува дека постои слобода за јавно изразување на етничката припадност и политичките ставови. Тврдењата за системски притисоци или ограничувања, во овој контекст, дејствуваат препознатливо дека се претерани или политички мотивирани.
Седмо, ваквите интерпретации и фингерајки за организирани, па и индивидуални притисоци на Бугарите во Македонија не треба да се игнорираат во поширокиот контекст на односите меѓу Македонија и Бугарија. Наместо да придонесат за добрососедство, одредени наративи и политики, особено од Софија, создаваат тензии и недоверба. Некои од нив, според аналитичарите, произлегуваат од интереси што не се секогаш транспарентни и не секогаш се во функција на заемната, па и регионалната стабилност.
И на крајот, најважната порака можеби лежи токму во самиот процес. Без разлика на бројките, фактот дека постои можност за слободно пријавување и учество во избори на друга држава,зборува за нивото на демократски капацитет во Македонија. Граѓаните имаат право да се идентификуваат, да учествуваат и да се изразуваат и тоа право, очигледно, се практикува!
Тивките бројки, во овој случај, испраќаат гласна порака. Прашањето е дали Софија сака да ја слушне?
































