Румен Радев / Фото: ЕПА

Прогресивна Бугарија, предводена од Румен Радев, е победник на предвремените парламентарни избори што се одржаа денеска во Бугарија, покажуваат првичните резултати од излезните анкети.

Според анкетата на агенцијата „Мерка“, презентирана на Бугарско национално радио, „Прогресивна Бугарија“ освоила околу 38,7 проценти од гласовите, пред ГЕРБ-СДС со 14,8 проценти. На третото место е коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија со 13,1 отсто, пренесе МИА.

Следуваат ДПС – Нов почеток со 9,2 проценти, Преродба со 5,3 отсто и БСП – Обединета левица со околу 4 проценти.

Слични резултати покажува и агенцијата „Маркет линкс“, според која „Прогресивна Бугарија“ има 38,9 проценти, пред ГЕРБ-СДС со 15,4 и ПП-ДБ со 13,6 проценти. Излезноста до 19 часот се проценува на 47,2 проценти.

Според овие проекции, распределбата на мандатите би изгледала вака: „Прогресивна Бугарија“ – 110 пратеници, ГЕРБ-СДС – 44, ПП-ДБ – 39, ДПС – Нов почеток – 21, Преродба – 14 и БСП – Обединета левица – 12 мандати.

И анкетите на „Алфа Рисрч“ потврдуваат водство на „Прогресивна Бугарија“ со околу 37,5 проценти, пред ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ.

Лидерот на победничката партија, Румен Радев, изјави дека резултатите се очекувани, но дека ќе ги почека конечните бројки.

„Ќе направиме сè што е можно за да избегнеме нови избори“, рече Радев, додавајќи дека ќе бара поддршка за клучни институционални реформи.

Од Централна изборна комисија на Бугарија информираа дека конечните резултати ќе бидат објавени во рок од четири дена, односно до 23 април.

На изборите учествуваа 24 партии и коалиции, со вкупно 4.786 кандидати за 240 пратенички места. Право на глас имаа над 6,5 милиони граѓани, кои гласаа на околу 12.000 избирачки места во земјата и во странство.

Ова се седми предвремени парламентарни избори во Бугарија во последните пет години, што ја потврдува политичката нестабилност во земјата.