Фото: „Нова Македонија“

ЖДРЕПКА ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ

  • Во групата Б, Македонија ќе се сретне и со домаќинот Романија и со Швајцарија

Македонската женска ракометна репрезентација на годинашново Европско првенство (ЕП) во Чешка, Полска, Романија, Словачка и во Турција со ждрепката влечена во Катовице (Полска) се најде во групата Б, во која се актуелниот светски, европски и олимписки првак Норвешка, еден од домаќините, Романија, и селекцијата на Швајцарија, што се смета за силна група. Натпреварите ќе се играат во романскиот град Клуж. Првите две селекции од секоја од шесте групи одат во втората групна фаза.
За Македонките ова ќе биде осми настап на европските првенства, а трет во низа. Досега Македонија играше на ЕП 1998 во Холандија (осмо место), во Романија во 2000 година (осмо), во Шведска во 2006-та (12), на домашен терен во 2008 година (седмо), во Србија во 2012 година (16.), на шампионатот во Македонија, Црна Гора и во Словенија во 2022 година (16.) и на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и во Швајцарија (18.). На претходните две ЕП играа по 24 селекции, а така ќе биде и годинава.
Норвешка е колекционер на медали и, секако, прв фаворит. Таа досега играла на сите ЕП и освоила 10 злата (1998, 2004, 2006, 2008, 2010, 2014, 2016. 2020, 2022 и 2024 г.), три сребра и една бронза. На светските првенства (СП), пак, освоила пет титули (1999, 2011, 2015, 2021 и 2025 г.), пет втори и три трети места. Македонија и Норвешка досега во квалификациите за ЕП или за СП се сретнале пет пати и пет пати Македонките претрпеле пораз. Романија, која настапила на 15 континентални првенства, има една бронза во 2010 година, а на минатото беше 11-та. Од СП има едно злато (1962 година), две сребра и една бронза. Со Романија, Македонија досега одиграла шест официјални средби (по една победа и реми и четири порази). Швајцарија досега играла само на претходните две ЕП, во 2022 (14. место) и во 2024 година (12.), а на СП еднаш, лани (19.). Со Швајцарија, Македонија само еднаш играла, во квалификациите за СП 2011, кога Македонките на турнирот во Грција славеа со 37-26.
Првиот дуел на Македонија на ЕП 2026 е со Швајцарија (4 декември, од 18 ч.), вториот со Романија (6 декември, од 20.30 ч.), а третиот со Норвешка (8 декември, од 20.30 ч.). Г.И.


ЕП 2026, ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО

Група А (Орадеа): Словенија – Исланд, Унгарија – Црна Гора
Група Б (Клуж): Швајцарија – Македонија, Норвешка – Романија
Група Ц (Анталија): Турција – Грција, Данска – Шпанија
Група Д (Брно): Австрија – Хрватска, Холандија – Чешка
Група Е (Катовице): Фарски О. – Украина, Франција – Полска
Група Ф (Братислава): Словачка – Србија, Шведска – Германија