Фото: Нова Македонија

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведе детална истрага со која се обезбедени докази дека адвокат, кој вршел јавни овластувања, побарал 100.000 евра за да посредува кај судија од Апелациониот суд Скопје за укинување на мерка притвор. На 13 декември 2025 година тој директно примил 20.000 евра од бараната сума.

Соочен со доказите, обвинетиот ја признал вината и прифатил спогодба со обвинителството. Основниот кривичен суд Скопје му изрече казна затвор од една година и три месеци за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Истрагата утврди дека парите биле наменети за поткуп со цел да се влијае врз судија, но тие не стигнале до него, бидејќи адвокатот бил фатен на дело.

Во рамки на истрагата, обвинителството презело дополнителни активности, при што на 18 јануари 2026 година во дом во Неготино, поврзан со судијата, биле пронајдени 350.000 евра во кеш. Парите биле скриени во ѕид и спакувани во повеќе пакувања, без докази за нивното потекло и без да бидат пријавени.

Ова отвори сомнежи дека судијата подолг период не ја пријавувал вистинската имотна состојба, односно поседувал имот што значително ги надминува неговите законски приходи.

Врз основа на доказите, обвинителството поднесе обвинение против судијата за „противправно стекнување и прикривање имот“, како и за „перење пари“. Надлежните органи најавуваат дека истрагата продолжува со цел да се утврди евентуална вмешаност и на други лица.