ФУДБАЛ
- Покрај за европската титула, Баерн игра и за трофеи во првенството и во Купот на Германија, Арсенал и ПСЖ за титулите во Англија, односно во Франција, а Атлетико за пехарот во Купот на Шпанија. Со освоен домашен трофеј, секој од нив ќе игра и во Суперкупот на соодветната земја. ПСЖ со ланската европска титула се пласира на клупското СП 2029, а за такво нешто сега шанса имаат Баерн, Атлетико и Арсенал. Новиот европски првак исто така ќе настапи во Суперкупот на УЕФА и на Интерконтиненталниот куп на ФИФА
Пари сен Жермен – Баерн, како реприза на финалето од 2020 година, и Атлетико Мадрид – Арсенал се двојките за полуфиналето на годинашната фудбалска Лига на шампионите (ЛШ). По возбудливите четврт-финалиња, Баерн го совлада Реал Мадрид со 6-4 (4-3 дома, а претходно 2-1 на гости), Арсенал го победи Спортинг со 1-0 (0-0 дома, а на гости победи со 1-0), Пари сен Жермен славеше со 4-0 на мечевите со Ливерпул (по 2-0 дома и на гости), а Атлетико ја победи Барселона со 3-2 (победа на гости со 2-0 и пораз дома со 1-2).
Со овие резултати се заостри и трката за второто дополнително место за настап во Лигата на шампионите за следната сезона. Англија неодамна го обезбеди првото место на таа табела на Европската фудбалска унија (УЕФА), сега има 25,847 поени, по мечевите во средата втора е Шпанија со 21,343 поени, трета е Германија со 20,785… За оваа табела се сметаат сите резултати на тимовите во трите европски купа сезонава, се бодуваат секоја победа, реми, пласман на табелата во лигашката фаза, секој пласман понатаму…
Секој од полуфиналистите е во игра за европската титула, Баерн уште и за трофеи во првенството (првопласиран) и во домашниот куп (полуфиналист), Арсенал за титулата во Англија (првопласиран), Пари сен Жермен за титулата во Франција (првопласиран), а Атлетико за трофејот во Купот на Шпанија (финалист). Со освоен домашен трофеј, секој од нив потоа ќе игра и во мечот за Суперкупот на соодветната земја.
Пари сен Жермен е актуелен европски првак, Баерн досега освои шест титули, а Атлетико и Арсенал играат за првиот трофеј (Атлетико има настапи во три финалиња, Арсенал во едно). ПСЖ со ланската европска титула се пласира на клупското Светско првенство (СП) во 2029 година, а за такво нешто сега шанса имаат Баерн, Атлетико и Арсенал. Европа треба да има вкупно 12 претставници на тој Мундијал, и тоа четирите европски прваци од 2025 до 2028 година и осум клуба според успесите во Лигата на шампионите во тој четиригодишен период. Новиот европски првак исто така ќе настапи во Суперкупот на УЕФА против победникот на Лига Европа, како и на Интерконтиненталниот куп, годишното натпреварување на континенталните шампиони, во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Баерн – Реал М. 4-3 (2-1)
Арсенал – Спортинг 0-0 (1-0)
Атлетико – Барселона 1-2 (2-0)
Ливерпул – ПСЖ 0-2 (0-2)
во заградите се резултатите од првите мечеви
ПОЛУФИНАЛЕ
ПСЖ – Баерн 28 април
Атлетико – Арсенал 29 април
реваншите се на 5 и 6 мај
































