Фото: Фејсбук-страница на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува прв чекор кон нејзина трансформација во голем зелен простор, соопшти градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на неговата Фејсбук-страница.

Според него, по изработената физибилити студија, започнати се активности за поставување на 22 бунари за собирање на отпадни гасови, кои со години се акумулирале на оваа локација.

– Дадениот збор пред граѓаните е обврска што мора да се исполни. Како што ветив, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште. Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови што со години се наталожуваа на ова место. Од сите бушотини ќе се земаат примероци што ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите – напиша градоначалникот.

Паралелно се реализира и процес на темелно површинско расчистување на депонијата.

Според најавите, на местото на поранешната депонија ќе се изгради современ мега-парк на површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за рекреација, спорт и подобрување на животната средина.

Градоначалникот оцени дека со овој проект Вардариште ќе престане да биде симбол на запоставеност и ќе се претвори во ново зелено „срце“ на градот.

Во рамки на плановите, најавена е и изградба на нов мост кој ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, со цел намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на градската поврзаност.

 – Градиме иднина во која зеленилото е стандард, а здравата животна средина приоритет – порача Ѓорѓиевски.