Македонија се најде на листата на дестинации што заслужуваат многу поголемо внимание од туристите, според „Си-ен-ен“, кој ја опиша земјата како „скриен бисер“ во Јужна Европа.
Во рубриката за патувања, медиумот посочува дека, иако најголемиот дел од туристите традиционално се насочуваат кон Франција, Шпанија и Италија, Европа крие и помалку откриени, но исклучително вредни дестинации – меѓу кои се издвојува и Македонија.
Македонија е претставена како драматично планинска земја со разновидни природни пејзажи – од зелени ридови и високи планински врвови до карпести предели што нудат автентично искуство за љубителите на природата.
Посебен акцент е ставен и на гастрономијата, која варира од регион до регион и нуди богата палета вкусови, како и на поволните климатски услови што овозможуваат производство на квалитетен зеленчук и развој на винската индустрија.
Медиумот го издвојува и Скопје како град со специфичен спој на модерно и традиционално, додека националните паркови и планинските региони стануваат сè поатрактивни за авантуристички туризам.
Оценките на медиумот доаѓаат во време кога туристите сè повеќе бараат автентични дестинации надвор од класичните европски рути, што дополнително ја позиционира Македонија како дестинација со сериозен туристички потенцијал.
Се очекува ваквото меѓународно признание да придонесе за зголемен интерес кај странските посетители и зацврстување на имиџот на Македонија на светската туристичка мапа.
































