Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерство за правда на Македонија соопшти дека утре ќе достави барање до надлежните судови и обвинителства за прибирање на сите списи поврзани со предметите против поранешниот премиер Никола Груевски. По добивањето на целосната документација, институцијата ќе постапи согласно важечките законски прописи.

Од Министерството потсетуваат дека барањето за екстрадиција на Груевски било поднесено во 2018 година и дополнето во 2019 година, но било одбиено од унгарските власти поради тоа што нему му бил одобрен азил.

Како што наведуваат, екстрадицијата се однесувала на повеќе предмети за кои постоеле активни постапки пред македонските правосудни органи и за кои била распишана потерница. Одлуката на Унгарија за одбивање е донесена на 5 август 2019 година, со образложение дека азилот исклучува предавање на лицето според нивното законодавство.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Груевски има правосилна пресуда и дека доколку се појави во државата, веднаш ќе биде спроведен на издржување на казната.

Тој нагласи дека Владата нема очекувања за негово враќање, но дека институциите ќе постапат веднаш во согласност со судските одлуки и законските процедури.

Прашањето за екстрадицијата повторно се актуелизира по политичките промени во Унгарија, каде новиот премиер Петер Маѓар најави поостар пристап кон случаи на лица со меѓународни потерници.