Повод: Некои опсервации за „примирјето“ во Иран
- Во политичката теорија и популарната перцепција, примирјето често се доживува како момент на олеснување, како пресек меѓу хаосот на војната и надежта за траен мир. Но историското искуство упорно нè потсетува дека овој премин ретко е толку јасен и уште поретко мирен. Напротив, она што следува по замолчувањето на оружјето многу често е нова, еднакво интензивна фаза на конфликт, само со променети средства и правила. Зад аголот повторно чека воен судир, кога едно примирје не е поставено на здрави основи и се настапува со ултиматуми и со тврда моќ (до заби вооружена војска), во заднина…
Ако се погледне наназад, од мировните процеси по Дејтонскиот мировен договор до комплексните преговори по Виетнамската војна, јасно се гледа една константа. Имено, крајот на директната воена конфронтација не значи крај на судирот, туку негово преформулирање. Договорите што формално ставаат точка на војната речиси секогаш отвораат нов фронт, а тоа е фронтот на интерпретацијата на наративите на инволвираните страни, кои можат да ескалираат пак во судир. Нашите соговорници, поранешни високи воени офицери имаат свој коментар за овие состојби.
– Токму тука започнува вистинската нова форма и облик на битка. Кој на што се согласил? Кои се реалните, а кои имплицитните обврски? Како ќе се спроведуваат одредбите и кој ќе го надгледува процесот? Овие прашања не се технички детали, туку суштински линии на новиот конфликт. Во нив се кријат можностите за блокади, уцени и постепено редефинирање на рамнотежата на моќта, со џокери од војска и подготвено оружје во заднина – велат соговорниците.
Сѐ во круг: Војната е продолжување на политиките само со други средства, но и дипломатијата по воениот судир е алтернатива на војна
Често се повторува тезата дека дипломатијата е алтернатива на војната. Но ваквото поедноставување ја игнорира реалноста. Дипломатијата, особено во постконфликтни ситуации, функционира како продолжение на војната со други средства, која е теза одамна артикулирана од Карл фон Клаузевиц, но и денес болно релевантна. Разликата е само во инструментите. Наместо тенкови и ракети, на сцена стапуваат економски санкции, политички притисоци, медиумски кампањи и правни механизми. Но и повторен воен судир „на готовс“!
Современиот пример со Иран дополнително ја осветлува оваа динамика. Прекинот на нападите може да создаде чувство на привремена стабилизација, но реториката што му претходеше со закани, максималистички барања и демонстрации на сила итн. не исчезнува со самото примирје. Таа се пренесува во преговарачката сала, каде што станува основа за нов тип притисок. Во таков контекст, договорот не е компромис меѓу еднакви, туку алатка преку која посилната страна се обидува да ги оствари своите цели без понатамошни трошоци од директен конфликт.
Феноменот на „прогласување победник“
Особено е симптоматично инсистирањето на брза прогласена „победа“. Кога една страна веднаш по примирјето тврди дека излегла како победник, тоа ретко е опис на реалната состојба. Наместо тоа, станува збор за стратегиско позиционирање како обид да се постави рамката во која ќе се водат понатамошните преговори. Во суштина, тоа е вовед во една офанзива, каде што зборовите и интерпретациите стануваат оружје, а ако не успее, тогаш пак оружјето станува „алатка за интерпретација на политичките ставови“!
Историјата покажува дека ваквите процеси ретко завршуваат брзо или праведно. Напротив, тие се долготрајни, исцрпувачки и често нестабилни. Примирјата знаат да бидат само паузи меѓу две ескалации, периоди во кои страните се прегрупираат, ги тестираат границите на договорот и бараат нови начини да ја наметнат својата волја.
Најголемата илузија на современата политика е верувањето дека мирот автоматски произлегува од договорите за примирје
Оттука, суштинската поента е јасна, велат нашите соговорници.
– Преминот од воена кон дипломатска фаза не претставува излез од конфликтот, туку негова трансформација. Логиката останува непроменета. Тоа е судир на интереси, борба за доминација и континуирано настојување да се обезбеди предност. Само формата се менува. Во таа смисла, можеби најголемата илузија на современата политика е верувањето дека мирот автоматски произлегува од договорите. Во реалноста, договорите се само нов терен на борба. А на тој терен, како и на бојното поле, победата не е гарантирана, туку се изборува, чекор по чекор, со средства што се помалку видливи, но не и помалку моќни – тврдат нашите соговорници, поранешни воени лица, кои имаат знаење и искуство од воената стратегија и оператика. Р.С.
Дали Вашингтон ја губи стратешката иницијатива во Западна Азија
Победа во реторика, неизвесност во реалност
Дали топло-ладните односи (судир-мировни преговори-судир…) меѓу САД и Иран се знак на постепена стабилизација или показател на постепено губење на американската решителност за спроведување на своите доктрини и стратегиска доминација? Многу воени аналитичари во светот коментираа дека наглите пресврти ги толкуваат како симптом на слабост, а не на контрола.
Имено, пресвртот во реториката на американскиот претседател Доналд Трамп, од закани за уништување до прифаќање примирје за преговори, па повторно ултимативен настап во преговорите, па пак закани за воени напади, па тактизирања итн. сѐ во круг, не изгледа како потег на самоуверена сила што ја контролира ситуацијата.
Овие нагли промени не се толкувани веќе само како дипломатска тактика туку како „индикатор за подлабока несигурност“. Кога стратегијата се менува за 48 часа, тоа најчесто значи дека реалноста на теренот не ги следи првичните планови.
Ако се анализираат декларираните цели на Вашингтон пред воената ескалација, станува јасно дека тие биле исклучително амбициозни.
За потсетување, тоа беа „слабеење или дестабилизација на иранската држава“, потоа „ограничување на ракетниот капацитет“, па „елиминирање на нуклеарниот фактор од регионалната равенка“, како и „обезбедување на енергетските и поморските маршрути“…
Но деновиве и пред и по мировните преговори, ниту една од овие цели не може јасно да се означи како постигната.
Иран не само што не е стратешки скршен туку останува активен актер во повеќе регионални точки на притисок, и тоа од Либан до Ормускиот Теснец. Згора на тоа, прашањето за збогатување ураниум останува отворено, а безбедноста на поморските коридори и натаму е ранлива. Во таа смисла, примирјето повеќе наликува на пауза во конфликт отколку на негово решавање.
Зошто Техеран сѐ повеќе е препознаван како носител на иницијативата?
Клучната теза на повеќе светски реномирани аналитичари е дека „иницијативата не била во рацете на Вашингтон, туку на Техеран и дека токму ова е значајна промена во перцепцијата на моќта“.
Ако послабата страна успее да избегне стратешки пораз, да ги задржи своите клучни капацитети и да го принуди противникот на преговори, тогаш таа, де факто, ја презема иницијативата.
– Во овој случај, Иран не беше воено неутрализиран, не прифати капитулантски услови и влезе во последниве преговори од позиција на отпор, а не на пораз. И на преговорите ги покажа отпорот и неотстапувањето на своите црвени линии – велат наши соговорници, македонски дипломати, додавајќи дека тоа ја менува динамиката, и тоа од униполарен диктат кон преговарачка рамнотежа…
Примирјето беше во контекст на „недовршена војна“
И покрај дипломатските најави за некои скорешни продолжувања на разговорите, вклучително и средбите во Исламабад, самото примирје беше оптоварено со нерешени прашања.
Споровите околу регионалните фронтови, нуклеарната програма и безбедноста на клучните морски патишта покажуваат дека конфликтот не е завршен, туку само одложен.
– Во такви услови, терминот „примирје“ беше анализиран само како „дипломатска формула“ за да се земе здив и заради нова процена на решителноста, на обете страни, а не како реален опис на состојбата – велат дипломатите на брифингот во редакцијата.
Хегемонијата во фаза на ерозија?
САД и понатаму имаат воено присуство во регионот, но перцепцијата за нивната моќ се менува.
– Разликата меѓу присуство и доминација станува сè поочигледна.
Ако една сила не може да ги наметне своите услови, не ги постигнува клучните цели, реагира наместо да диктира, тогаш нејзината хегемонија влегува во фаза на ерозија – велат дипломатите, анализирајќи ја новонастанатата состојба на Блискиот Исток.
Ова не значи дека американското влијание исчезнува, туку дека се трансформира од апсолутна контрола кон ограничено управување со кризи, додаваат тие.
– Реалноста на теренот сугерира поинаква слика. Клучните цели не се јасно постигнати, противникот не е неутрализиран, а конфликтот останува отворен.
Оттука, прашањето не е дали ова е крај на американското присуство во Западна Азија, туку дали ова е почеток на нова фаза, во која САД повеќе нема да бидат единствениот архитект на регионалниот поредок. Во таа смисла, ова сѐ уште не е крај, туку значи дека обете страни подготвуваат нешто – тврдат нашите соговорници, дипломати од кариера, со големи познавања на случувањата на Блискиот Исток во минатото и за актуелните состојби. Р.С.
Американската поморска блокада во Ормускиот Теснец ги заострува глобалните тензии
Од вчера во сила американска поморска блокада во Ормускиот Теснец
- Вашингтон започнува со контроверзна мерка против Иран, па како последица на тоа, во светот повторно е во пораст стравот од енергетски потреси и од нова геополитичка ескалација
Соединетите Американски Држави најавија воведување поморска блокада во Ормускиот Теснец, што претставува драматична ескалација на односите со Иран и потенцијален удар врз глобалната економија.
Одлуката, потврдена од американскиот претседател Доналд Трамп, стапи во сила вчера во 10 часот по источноамериканско време (16 часот по средноевропско), а ја спроведува Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). Според официјалното соопштение, блокадата се однесува на сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежни води, вклучувајќи ги и оние во Арапскиот и Оманскиот Залив.
За потсетување, Ормускиот Теснец претставува критична точка за светската трговија со енергенти, низ која поминуваат околу 20 проценти од глобалните испораки на нафта. Иако американските власти нагласија дека бродовите што не се поврзани со Иран ќе можат непречено да минуваат, аналитичарите предупредуваат дека самата блокада може да предизвика сериозни нарушувања на пазарите.
Очекувањата се дека цените на нафтата ќе пораснат, а со тоа и инфлациските притисоци во многу земји, што дополнително ќе ја комплицира веќе нестабилната глобална економска состојба.
Остра реторика од Техеран
Иранските власти реагираа остро и на најавената блокада и на почетокот за еднострано спроведување од страна на САД. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф, предупреди дека американските граѓани би можеле наскоро да се соочат со значително повисоки цени на горивата, алудирајќи на директните последици од ваквата политика.
Командантот на иранската морнарица, контраадмирал Шахрам Ирани, ги отфрли американските потези како „несериозни“, нагласувајќи дека иранските сили внимателно ги следат движењата на американската морнарица во регионот.
Пропаднати преговори и дипломатски ќор-сокак?!
Ескалацијата доаѓа по неуспешните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, кои се одржаа во Исламабад и завршија без договор по речиси 20 часа преговори. Американската страна, според изјавите на потпретседателот Џеј Ди Венс, очекува Иран да ја прифати „конечната понуда“, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ја обвини американската делегација за максимализам и промена на преговарачките позиции.
Повторно зголемен ризик од поширок конфликт
Иран веќе најави сопствени ограничувања за пловидба низ Ормускиот Теснец, вклучувајќи можни транзитни такси и забрана за американски и израелски бродови. Ова отвора простор за понатамошна ескалација, па дури и за директни инциденти на море.
Експертите предупредуваат дека секое нарушување на слободата на пловидба во овој регион може да има далекосежни последици – не само за енергетските пазари туку и за глобалната безбедност.
Во услови на зголемени тензии и намалена дипломатска комуникација, светот внимателно го следи развојот на настаните, свесен дека Ормускиот Теснец повторно станува жариште на потенцијален меѓународен конфликт. Р.С.































