Фото: Принтскрин

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, упати силна и драматична порака преку својата социјална мрежа Трут Социал (Truth Social), најавувајќи дека светот би можел да се соочи со еден од најзначајните моменти во современата историја.

Во објавата, Трамп предупреди дека настаните што следуваат може да имаат далекусежни последици, вклучително и крај на постојниот поредок во Иран, но и можност за почеток на нова ера.

– Цела една цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи. Сепак, со целосна промена на режимот, каде ќе преовладуваат попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно – кој знае? Ќе дознаеме вечерва – напиша Трамп.

Тој додаде дека, според него, повеќедецениските проблеми во Иран, како што се корупцијата и нестабилноста, би можеле да завршат со актуелните случувања.

Претходно, американскиот претседател му постави рок на официјален Техеран за итно запирање на воените активности и деблокада на Ормускиот Теснец, заканувајќи се со „невидени последици“ доколку барањата не бидат исполнети.

Според неговата објава, крајниот рок е вторник во 20:00 часот по локално време во Вашингтон, односно среда во 02:00 часот по македонско време.

Оваа изјава дополнително ги зголеми тензиите во меѓународната јавност, која внимателно ги следи развојот на настаните поврзани со Иран и можните последици по глобалната безбедност.