Фото: ЕПА

Од петок, 10 април, почнува целосна имплементација на системот за влез и излез (ЕЕС) во ЕУ

  • ЕЕС (систем за влез и излез) претставува значаен чекор кон модернизација на граничното управување во Европската Унија. Иако во почетокот може да донесе одредени непријатности за патниците, особено во форма на подолги чекања, неговата суштинска цел е да воведе поголема сигурност, прецизност и транспарентност. За граѓаните, клучно ќе биде да се информираат и да бидат подготвени за новите процедури, бидејќи од 10 април, патувањето во ЕУ веќе нема да биде исто

Од 10 април започнува целосна имплементација на ЕЕС (системот за влез и излез) во Европската Унија (EES – Entry/Exit System), со што значително се менува начинот на кој се контролираат надворешните граници на Унијата. Станува збор за дигитализиран систем што ќе важи за сите државјани на земји што не се членки на ЕУ, вклучително и за македонските граѓани што патуваат за краткорочен престој. Новината е во тоа што досегашното рачно печатирање на пасошите заминува во историјата, а на негово место доаѓа електронска евиденција на секое влегување и излегување од ЕУ. Овој систем ќе овозможи побрза, но и построга контрола, со фокус на прецизно следење на времето на престој.

Биометрија на граница: Што точно ќе се прави?

Со ЕЕС, на граничните премини ќе се обработуваат основни биометриски податоци, односно отпечатоци од прсти и фотографија. Ова значи дека при прв влез во ЕУ, граѓаните ќе мора да поминат низ процес на регистрација, кој може да потрае подолго од вообичаеното. Целта на воведување на овој систем е побрза идентификација на патниците и намалување на можностите за злоупотреба на идентитет или користење лажни документи. Во пракса, ова значи дека секое следно патување ќе биде полесно, бидејќи податоците веќе ќе бидат во системот. Еден од клучните аспекти на ЕЕС е автоматското следење на дозволениот престој според правилото „90 дена во период од 180 дена“. Со дигиталната евиденција, граничните власти ќе имаат прецизни и веродостојни податоци за секој патник. Ова значително ја намалува можноста за злоупотреба или ненамерно пречекорување на дозволениот престој, што досега често зависеше од рачна проверка и печати во пасошите.

Стравување од подолги задржувања на граничните премини

Иако системот има цел да ја зголеми ефикасноста, реалноста е дека во почетната фаза може да дојде до подолги задржувања на граничните премини. Особено во првите недели од целосната имплементација, кога ќе се врши масовна регистрација на патниците.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека се преземени сите неопходни мерки за да се обезбеди непречен проток на патници. Во функција се ставени сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел да се минимизираат метежите и доцнењата.

Што ќе значи ова за македонските граѓани?

Системот за влез и излез не е нова идеја. Тој официјално стапи во сила на 12 октомври минатата година на надворешните граници на 29 земји членки на шенген-зоната. Сепак, неговата имплементација се одвиваше постепено. Првичните најави беа дека процесот ќе трае неколку месеци, со цел државите да се приспособат технички и оперативно.
Токму месецот во кој влеговме, април, оваа година беше поставен како краен рок за целосна примена, кој сега се реализира со почеток на 10 април. За македонските граѓани, ова значи неколку конкретни промени. На пример при прво патување по 10 април, можно е подолго задржување поради биометриска регистрација. Потоа, повеќе нема печати во пасошите, односно сè ќе биде дигитално. Ќе има построга контрола на времето на престој во ЕУ, но исто така, ќе има помала можност за грешки, но и за „флексибилност“ при толкување на правилата. На долг рок, системот треба да донесе побрзо поминување на границите, но само откако ќе се воспостави целосно и граѓаните ќе бидат веќе регистрирани.

Повеќе автоматизирана контрола што би требало да значи и повеќе ред

ЕЕС претставува значаен чекор кон модернизација на граничното управување во Европската Унија. Иако во почетокот може да донесе одредени непријатности за патниците, особено во форма на подолги чекања, неговата суштинска цел е да воведе поголема сигурност, прецизност и транспарентност. За граѓаните, клучно ќе биде да се информираат и да бидат подготвени за новите процедури, бидејќи од 10 април, патувањето во ЕУ веќе нема да биде исто. С.Т.