Фото: „Нова Македонија“

Без членот 5 и колективната заштита, Балканот лесно ќе се претвори во зона на натпревар меѓу големите сили и арена за локалните хегемони

Прашањето за преструктурирањето, па и за опстанокот на НАТО во контекст на актуелните случувања во Украина и на Блискиот Исток, како и изјавите што сѐ почесто доаѓаат од американска страна за распадот на Алијансата, предизвикуваат своевидна загриженост и на овие простори. Евентуалната дисолуција (распад) на овој сојуз за регионот, според многу безбедносни аналитичари, би значел паѓање на безбедносниот чадор ги држеше под контрола и одвраќање историските апетити и територијалните претензии на некои земји од регионов, но и пошироко. Според аналитичарите, „без членот 5 и колективната заштита, Балканот ризикува да се врати во некои минати времиња како зона на натпревар меѓу големите сили и арена за локалните хегемони“. Во таков вакуум, малите земји би биле принудени на итни, честопати парадоксални сојузи, забрзано вооружување и болна прагматика во која „интересот го заменува пријателството“. Но, впрочем, аналитичарите забележуваат и индикатори на токму такви појавни феномени на овие простори, и тоа од неодамна.

Давор Домазет, хрватски адмирал: Што ќе значи за Хрватска распадот на НАТО – дека на Хрватска ѝ треба коалиција со Србија!

Давор Домазет-Лошо, хрватски адмирал во пензија, политичар и писател, објаснува што, според него, би се случило доколку Алијансата се распадне. Распад на НАТО? Знаете што значи тоа? Дисолуција означува растворање, распаѓање, распад или раскинување врски. Во поширок контекст, се однесува на распад на структура, организација или, пак, на држава или држави. И ние како Хрватска остануваме сами. Од едната страна Италија, од другата Унгарија, се караат околу оваа Опатија. Имате муслимани во Босна и Херцеговина што повторно одат да ја прегласуваат Хрватска. А ние немаме оружје? Немаме оружје! Одиме да купуваме „леопарди“ (тенкови н.з.). Што ќе направиме со 40 „леопарди“? До Србице ќе стигнеме и толку. Па тенкот не е веќе оружје, завршено е со тоа оружје како такво. Треба да создадеме наш A2Д, за да не им падне на памет ни на Италијанците, ни на Унгарците, ни на Србите да тргнат на нас. И затоа е тоа. Тие одат во сојузи, а и ние направивме договор со Албанците, Косовците и со Бугарите. Значи, на ниво на регионална стратегија. Има едно начело, не сум го напишал јас. Напишано е пред две и пол илјади години од Сун Цу. Кога не можеш да го победиш противникот, придобиј го на своја страна. Придобиј го за себе. Овде, ние, по распадот на НАТО, немаме каде. Србите имаат сојузници. Пленковиќ, нашиот премиер, четири пати ѝ објави војна на Русија. Тој продолжува со таа мантра. Тука голема улога треба да одигра претседателот на државата, тоа ќе го кажам на крајот.
Хрватскиот адмирал во пензија, политичар и писател Давор Домазет-Лошо неколкупати излегува со мошне интересна и впечатлива теза.
– Тоа го кажав и досега и многумина го прифатија позитивно. Ние не можеме да ги смениме Србите, ниту Србите можат да нè сменат нас. Зошто тогаш да одиме во војна? Второ, на кој начин да се спротивставиме на овие муслимани? Тоа не се муслимани, тие се етнички Хрвати, само што се, според ова гледиште, кривоверци. Прво биле богомили, па потоа преминале во ислам. Бидејќи тоа е проекција на геополитиката на Турција. Па единствено можеш со нив да направиш договор. Значи, овде не станува збор за љубов, ниту за некаква Југославија. Ова е повеќеполарен свет и во таков свет мораш сам да се бориш за себе. И да видиш. Нема вечни пријатели, ниту вечни непријатели, само интересите се вечни. Тоа е мојата појдовна точка.
Прашањето за евентуален распад на НАТО е честа тема на геополитички анализи, особено во контекст на променливите политички ветришта во САД и безбедносните предизвици во Европа. Иако официјалните лидери ретко го користат терминот „распад“ (бидејќи тоа би звучело како самоисполнувачко пророштво), нивните изјави за „стратешка автономија“ или „криза во Алијансата“ откриваат многу.

Словенија: Страв од ребалканизација

За Словенија, НАТО е „сидрото“ што ја држи земјата во западниот круг, подалеку од нестабилноста на Западен Балкан. Словенечките аналитичари и политичари често нагласуваат дека без НАТО, Словенија би морала драстично да го зголеми буџетот за одбрана (кој и сега е точка на дебата).
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и претходни лидери истакнувале дека „колективната безбедност е најевтината безбедност“. Распад на НАТО, за Љубљана би значел враќање на „политиката на поголемите и помоќни сили“ каде што малите земји како Словенија ги губат својот глас и статус.

Албанија: Најлојалниот сојузник во паника

Албанија важи за една од најпро-НАТО земјите во светот. За неа, Алијансата не е само воена организација туку гаранција против српското и руското влијание во регионот. Што би значело евентуален распад на НАТО за оваа земја: најпрво, егзистенцијален страв.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во неколку наврати изјавувал дека „НАТО е единствениот кислород за мирот на Балканот“. Без НАТО, Албанија би се почувствувала изолирана и ранлива, што веројатно би довело до итно барање на билатерални пактови со САД или Турција за да се компензира дупката.

Бугарија: Без заеднички штит, Бугарија не може да ги заштити својот воздушен простор и граници

Бугарија е длабоко внатрешно поделена по прашањето за Русија, па распадот на НАТО би ги извадил тие тензии на површина.
Без членот 5 (колективна одбрана), Бугарија би станала „сива зона“ на Црно Море. Поранешниот бугарски претседател Румен Радев често повикува на дипломатија, но дури и тој признава дека „без заеднички штит, Бугарија не може да ги заштити својот воздушен простор и граници“. Распад на НАТО би можел да предизвика внатрешни немири меѓу прозападните и проруските струи.

Грција: Трка во вооружување со Турција

За Грција, НАТО е парадоксален механизам. Имено, ги држи Грција и Турција на иста маса за да не војуваат меѓу себе. Ако дојде до распад на Алијансата, тогаш дефинитивно не треба да се исклучи директна закана од ескалација со Турција. Грчките лидери (како Киријакос Мицотакис) веќе со години градат план Б преку силни билатерални договори со Франција. Тие често велат дека „Грција мора да биде подготвена сама да се брани“. Распад на НАТО би значел дека Егејско Море станува зона во која ќе се кројат нови правила, каде што само можеби само воената моќ ќе ги одредува правците и насоките на одвивање на состојбите.
Повеќето регионални воени аналитичари се согласуваат дека при дисолуција или колапс на Северноатлантскиот пакт малите земји ќе станат „паричка за поткусурување“ на големите сили, потоа дека активирањето на регионалните трки во вооружување би ги издишале националните економии, Европската Унија би морала да се трансформира во воена сила (реална стратегиска автономија, за која се залагаат сегашните бриселски либерални елити), што за земји како Бугарија и Грција е скап и неизвесен процес. За овие балканските земји, распадот на НАТО не е само воено прашање туку враќање на историската несигурност каде што секој сосед е потенцијален непријател. С.Т.


Како евентуален распад на НАТО би се рефлектирал врз Македонија

Безбедносни експерти, поранешни воени лица и познавачи на функционирањето и потенцијалот на Алијансата, од свој агол на опсервација, повеќе од безбедносен аспект, тврдат дека „доколку реструктурирањето на НАТО оди во насока на постепено негово демонтирање, тогаш Македонија би трпела висок степен на безбедносна изложеност“.
– За Македонија, како една од најновите членки на Алијансата, која помина низ исклучително тежок и компромисен пат за да влезе во овој клуб, евентуалниот распад на НАТО би значел целосна безбедносна и геополитичка изложеност. Додека за големите земји тоа би било прашање на промена на воената доктрина, за Македонија тоа би било прашање на мобилизација на сиот потенцијал заради опстанок. Имено, НАТО во моментов дејствува како „стабилизатор“ на аспирациите на соседите. Без заедничката команда во Брисел, македонското прашање би можело повторно да стане предмет на регионални пазарења. Иако се членки на ЕУ, историските и идентитетски претензии на Бугарија и Грција кон Македонија би можеле да добијат воена или агресивна дипломатска компонента во отсуство на НАТО-механизмите што сега ги принудуваат на соработка, велат нашите соговорници, додавајќи дека „Македонија би се нашла во средината на потенцијален судир на интереси меѓу Тирана, Софија, Атина, а можеби и Белград“.
– Членството во НАТО е една од ретките точки околу која постои консензус меѓу политичките партии и од власта и од опозицијата, без разлика на идеолошката ориентација или етничкиот предзнак, така што тоа се смета за една од гаранциите за унитарниот карактер на државата. Несомнено распад на сојузот би ги оживеал радикалните идеи за „големи држави“ на Балканот, за што македонската јавност постојано сведочи со навидум „невини“ изблици во кои се вклучени деца и млади луѓе што настапуваат со барања што излегуваат надвор од Уставот и уставниот поредок, па дури и со кореографија во која се присутни картите на „големи држави“ – велат соговорниците.
– Без НАТО, Македонија ќе мора да издвојува сериозни средства за воена опрема, што би било огромен економски товар. Ќе мора да се набават воздухоплови за да се чува небото и тие да се одржуваат, што за мала земја е исклучително скапо. Буџетот за одбрана би морал драстично да се зголеми на штета на образованието, здравството и инфраструктурата, за земјата воопшто да има каков-таков капацитет за одвраќање. Без заедничкиот разузнавачки штит на НАТО, Македонија би станала „полигон“ за разузнавачките служби на надворешни сили. Распадот на НАТО веројатно и би нè принудил веднаш да бараме билатерален или поширок пакт со некоја голема сила или регионални сили, како САД, евентуално Турција со која имаме веќе воспоставено стратешко сојузништво – велат нашите соговорници, зафаќајќи го прашањето за евентуална дисолуција на НАТО, повеќе од воен и безбедносен аспект, а помалку од геостратегиски и геополитички. Сепак, прашањето за дисолуција на НАТО што всушност означува негово темелно реструктурирање, растворање, распаѓање, распад на структурата или раскинување врски, во еден поширок контекст има и повеќеслојно значење: и финансиско и економско и социјално и демографско, а во суштина тоа е прашање на суверенитет. За овие аспекти на процесите на дисолуцијата на НАТО ќе читате во наредните броеви на весникот. С.Т.