Луѓето со рак што консумираат многу ултрапреработена храна би можеле да имаат речиси 60 проценти поголема веројатност да починат од својата болест, сугерира ново истражување. Оние со највисоко количество таква храна имале многу поголема веројатност да починат порано од оние со најниско количество, откриле истражувачите во Италија. Ултрапреработената храна е поврзана со лошо здравје, вклучувајќи зголемен ризик од дебелина, срцеви заболувања, рак и рана смрт.
Од сладолед до газирани пијалаци
Примерите за ултрапреработена храна вклучуваат сладолед, преработено месо, чипс, масовно произведен леб, некои житарки за појадок, бисквити, многу готови оброци и газирани пијалаци. Ултрапреработената храна често содржи високо ниво на заситени масти, сол, шеќер и адитиви, што експертите велат дека остава помалку простор во исхраната на луѓето за похранлива храна. Таа исто така обично вклучува адитиви и состојки што не се користат кога луѓето готват сами, како што се конзерванси, емулгатори и вештачки бои и ароми.
Новото истражување е објавено во списанието на Американското здружение за истражување на ракот. Од 2005 до 2022 година истражувачите следеле 24.325 луѓе што имале 35 години или повеќе на почетокот на студијата и живееле во јужниот италијански регион Молизе. Во рамките на таа група, 802 преживеани од рак (476 жени и 326 мажи) пополниле детални прашалници за нивната исхрана на почетокот на студијата.
Пушење и вежбање
Потоа експертите го пресметале количеството на ултрапреработена храна и пијалаци според тежината што се консумира секој ден, а исто така ги забележале и калориите. Луѓето потоа биле поделени во три групи врз основа на односот по тежина на количеството на ултрапреработена храна што ја консумирале, при што истражувачите зеле предвид и фактори како што се пушењето, индексот на телесна маса, вежбањето, медицинската историја, видот на рак и целокупниот квалитет на исхраната. Студијата покажала дека во текот на просечен период на следење од 14,6 години имало 281 смрт кај 802 преживеани од рак.
Оние во третата група со највисоко количество на ултрапреработена храна имале 48 проценти повисока стапка на смртност од која било причина и 59 проценти повисока стапка на смртност од рак во споредба со оние во најниската третина. Повисокото калорично количество на ултрапреработена храна покажа слични резултати за смртноста од рак, но не и од други причини.
Зашеќерени пијалаци
Боначо и неговите колеги исто така ги разгледале начините на кои преработката во ултрапреработената храна може да влијае на телото, вклучувајќи и испитување на воспалителните, метаболните и кардиоваскуларните биомаркери кај луѓето во студијата.
– Овие резултати сугерираат дека зголеменото воспаление и зголемениот срцев ритам во мирување може делумно да ја објаснат врската помеѓу поголемата потрошувачка на ултрапреработена храна и зголемената смртност и да помогнат во разјаснувањето како самата преработена храна може да придонесе за полоши исходи кај преживеаните од рак – рече Боначо.
Тимот исто така испита податоци за седум специфични групи на ултрапреработена храна, како што се пијалаци засладени со шеќер, вештачки засладувачи и жестоки пијалаци; преработено месо и солени закуски и солени јадења. Некои групи на храна беа поврзани со поголема смртност, додека други не покажаа јасен модел.






























