Повод: Изјавата на францускиот претседател пред јапонските инвеститори во Токио каде што ја пофали „предвидливоста“ на Европа и ја нападна „непредвидливоста“ на Трамп
- Крајно е апсурдно францускиот претседател да говори за некаква предвидливост, кога ветувањето што го даде пред македонските граѓани дека по промената на уставното име земјава веднаш ќе ги почне пристапните преговори со ЕУ го погази за кратко време, ставајќи вето за почеток на преговорите под изговор дека е потребна нова методологија во пристапувањето. Токму со таа „методологија“ го направи пристапниот процес целосно НЕПРЕДВИДЛИВ, а процесот на проширување недоверлив и бесконечен
Неконзистентните европски политики кон Македонија резултираа со целосна непредвидливост на македонскиот европски пат, па токму тука треба да се бараат причините на цврстата решеност на македонските власти да се добијат гаранции и предвидливост на процесот пред да се преземе каков било нов чекор.
И самиот премиер Христијан Мицкоски последниве денови е крајно категоричен во своите изјави дека не помислува да влегува во авантурата наречена „уставни измени“ ако Европската Унија не даде некакви гаранции и ако не се обезбедат малцински права на Македонците во Бугарија.
Ќе „паднат“ ли јапонските инвеститори на слаткоречивоста на францускиот претседател?
И додека во случајот со Македонија европските челници се оградуваат околу предвидливоста, на другата страна на светот ја претставуваат ЕУ како доверлив партнер што гарантира предвидливост и доверливост.
Имено, неодамна францускиот претседател Емануел Макрон за време на средба со јапонските бизнисмени и инвеститори во Токио ја пофали „предвидливоста“ на Европа, во очигледна критика кон американскиот претседател Доналд Трамп.
– Свесен сум дека Европа понекогаш може да се смета за континент што е побавен од другите. Но предвидливоста има своја вредност и ние го покажуваме тоа сите овие години и би се осмелил да кажам во последните недели: ние сме таму каде што знаете дека ќе бидеме – додаде Макрон.
Крајно е апсурдно францускиот претседател да говори за некаква предвидливост, кога ветувањето што го даде пред македонските граѓани дека по смената на уставното име земјава веднаш ќе ги почне пристапните преговори со ЕУ го погази за кратко време, ставајќи вето за почеток на преговорите под изговор дека е потребна нова методологија во пристапувањето.
Токму со таа „методологија“ го направи пристапниот процес целосно непредвидлив, а процесот на проширување недоверлив и бесконечен.
Малку е веројатно дека јапонските бизнисмени и инвеститори, кои обично важат за крајно внимателни, ќе им поверуваат на придиките на Макрон за предвидливост на ЕУ бидејќи токму тој со потезите што ги влечеше, како во Франција така и во ЕУ, остави впечаток на непредвидлив и недоверлив политичар.
Макрон: Архитект на европската недоверба
За дел од домашните аналитичари на евроинтеграциските процеси, изјавата на Макрон пред јапонските инвеститори е класичен маркетиншки потег за привлекување инвестиции, но во очите на македонскиот граѓанин таа звучи како врв на европскиот цинизам.
– Тврдењето на Емануел Макрон за „предвидливоста“ на Европа е врв на политички цинизам, доаѓајќи од човек што ја изгради својата кариера врз рушење на воспоставените правила и ветувања. За македонскиот граѓанин, Макрон не е симбол на стабилност, туку на политичка недоследност. Тој е политичарот што ја претвори европската перспектива на Балканот во подвижна цел, докажувајќи дека за него „договореното“ трае само до следниот рејтинг-извештај во Париз – велат аналитичарите.
Според нив, ако Макрон беше навистина предвидлив, тогаш Македонија денес веќе ќе беше во ЕУ.
– Наместо тоа, тој покажа дека е мајстор на хибридната блокада: прво вети поддршка, па измисли „нова методологија“ за да купи време, за на крајот да го инсталира најнебулозниот преседан во историјата на проширувањето, внесување билатерални историски фрустрации во технички процес. Неговата „предвидливост“ всушност е предвидлив егоцентризам; тој е подготвен да го жртвува кредибилитетот на цела унија само за да се позиционира како нов „крал“ на Европа – посочуваат аналитичарите.
Тие сметаат дека јапонските бизнисмени треба да бидат претпазливи.
– Човек што може прекуноќ да ги прегази сопствените гаранции дадени на цел еден народ на Балканот, нема да преземе одговорност ниту пред економските правила доколку тие му станат товар. Макрон не ја брани Европа, тој ја инструментализира. Неговата тенденција да иницира промени на правилата „во од“, без разлика дали се економски или политички, го прави најопасниот тип лидер: оној што верува дека е над правилата. Европа под негово влијание станува клуб на неизвесноста каде што ветувањата имаат рок на траење до првиот внатрешен притисок. Ако правилата на игра му пречат на неговиот концепт за „суверена Европа“ (што е само еуфемизам за доминација на Франција), тој без двоумење ќе иницира нивна смена, оставајќи ги партнерите во калта на неговите амбиции. Макрон не е гарант на предвидливоста, тој е генератор на хаосот облечен во скап европски костум – констатираат аналитичарите со кои разговаравме.
































