На почетокот на март годинава, во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, беше отворена изложбата на фотографии „Убавите жени на мојот народ“ која претставува втор циклус од уметничкиот концепт на Славчо Максимовски. Максимовски е македонски уметник кој во моментов живее во Словенија. Дипломирал графика на Факултетот за хуманистички науки и уметност во Тетово, а магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувал во повеќе групни, а автор е на неколку самостојни изложби. Покрај во Македонија, изложувал и во Србија, Словенија, Хрватска, Италија, Финска и Мексико, а остварил студиски престои во Франција и Шпанија. Добитник е на неколку интернационални награди, а неговата специфичност како уметник се одрази во непрекинатото создавање во различни уметнички форми. Изложбата беше повод да нурнеме подлабоко во животниот и твречкиот светоглед на Максимовски.
Како настана изложбата „Убавите жени од мојот народ“?
Изложбата „Убавите жени на мојот народ“ се роди како тивка, но длабока одгласност на песната на Блаже Конески, како визуелна ехо поема што се претопи низ мисла, боја, форма и присуство. Таа пред сè извира од неговата песна, но не за да ја повтори, туку за да ѝ се поклони. Но, сепак целта е да се прикаже сегашноста на жената во поинаков контекст. Ако во поезијата на Блаже Конески се провлекува мислата дека убавите жени брзо прецутуваат, како момент што минува, како мирис што исчезнува, оваа изложба намерно оди контра тој наратив. Не како негирање, туку како современ одговор. Жената не е како цвет што венее, туку како нешто што се трансформира, се продлабочува и останува. Македонската жена тука не е миг, таа е траење.Таа не прецутува. Таа е вечност. Во нејзиниот поглед има историја, во нејзиниот став има отпор, а во нејзината енергија има нешто што не може да се избрише со време. И ако поезијата некогаш ја опишувала како нешто минливо, оваа изложба ја редефинира како нешто што одбива да исчезне. Како урбана легенда што не старее, туку само добива нови значења. Македонската жена не е цвет што прецутува, таа е идеја што останува. Во својата суштина, изложбата е чин на почит кон македонската жена, нејзината тивка сила, достоинство и убавина што не се мери со изглед, туку со истрајноста на духот. Таа е обид да се улови она што Конески го именува со збор, а народот го носи како тивко наследство, благородство на жената како темел и сведоштво на еден народ.

На кој начин вашето уметничко око избра кои жени треба да бидат дел од концептот на изложбата?
Моето уметничко око не прави само визуелен кастинг – селектира по енергија. Не ме интересираше убавина што се вклопува, туку убавина што оттурнува, што провоцира, што не бара дозвола да постои. Овие жени не влегоа во концептот затоа што се само визуелно „убави“ – туку затоа што се вистински. Имаат став што не се објаснува, туку се чувствува и пулсира во градите. Не ги барав по критериуми. Ги препознавав по тишината што зборува погласно од зборови. По погледот што не те моли да го гледаш – те предизвикува да издржиш.
Но овој избор не беше само моја лична одлука и интуиција. За дел од жените објавив и јавен статус на социјалните мрежи, преку кој луѓето сами ми посочуваа кого би сакале да видат во оваа едиција. Искрено сум среќен и благодарен за тоа, затоа што на тој начин и публиката зеде учество во проектот со своите предлози. Тоа му даде на целиот процес уште подлабока смисла -ова не беше само моја визија, туку и еден жив дијалог со луѓето што ја чувствуваат и препознаваат оваа естетика.
Тоа се жени што не се трудат да бидат видени – тие те тераат да не можеш да не ги видиш. Во нив има урбан хаос и прецизна елеганција во исто време. Малку бунт, малку мистерија, многу карактер. Не се полиран гламур, туку сурова присутност со стил. Кога застануваат пред објективот, не сакав да е глума. Сакав само објективна, чиста вистина. Сакав да има судир. Меѓу нив и светот. И токму таму, во тој напон, се раѓа визуелната приказна. Јас само се обидов да го фатам моментот кога стануваат вечни.
И во рамки на изложбата, но и вон неа, како човек и како уметник што значи за Вас убава жена?
За мене, убава жена не е филтер, не е поза, не е совршен агол на светлина, таа е став. Енергија што те допира пред да сфатиш зошто, и останува да те прогонува и кога ќе замине. Не ја мериш со очи, туку со присуство. Тоа е таа тивка самодоверба што не вика, ама сите ја слушаат.Како човек, ја гледам во искреноста што не се плаши да биде ранлива, ама не како слабост, туку како храброст што ретко кој ја носи со стил. Во насмевката што не е научена од огледало, туку израсната од живот. Малку скршена, ама баш затоа совршена .Како уметник, ја читам како урбана поезија, малку груба, малку нежна, со ритам што не е за секого. Таа е контраст што функционира: тишина што зборува гласно и бунт што изгледа како мир.Убавата жена не се труди да биде убава, таа едноставно е. И токму во тоа има најголем шарм. Таа не влегува во ничиј ограничувања, таа ги крши со елеганција. И да, има приказна. Не ја крие. Ја носи како омилен парфем, не секој ќе ја разбере, ама тие што ќе ја почувствуваат… нема да ја заборават.

Велат дека убавината е минлива. Па успеавте ли да ја спасите од минливоста, преку вашата изложба?
Јас велам дека само ѝ треба добар сведок. Некој што нема да ја гледа површно, туку ќе ја прочита. Некој што знае дека вистинската убавина не бега, само чека да биде видена како што треба .Ова што го направивме не е обид да ја „замрзнеме“ убавината. Тоа би било премногу лесно. Ова е обид да ѝ дадеме тежина, контекст, глас. Да ја ставиме таму каде што не може да биде игнорирана.
Овие фотографии не се обични, тие се урбани записи. Документи на едно време што уште не знае колку е важно. Можеби сега изгледаат како момент, како случајно фатена енергија, ама вистината е дека преку нив се кодира историјата.
И да, можеби денес не е сосема јасно што точно гледаме. Ама ќе дојде време кога ќе стане кристално. Кога овие лица нема да бидат само лица, туку сведоштва. Кога овие погледи ќе зборуваат погласно од архиви. Јас не ја спасив убавината од минливоста — тоа е погрешна амбиција. Јас ја направив погласна од неа. Ја кренав над шумот на времето. Ја оставив да одекнува.
Кои мотиви и кои проекти ве окупираат во вашето актуелно творештво?
-Во моментов сум во фаза што се обидува да дише со нови сили. Жива, динамична, малку хаотична -ама точно таму каде што треба да еруптира. Работам на нов циклус на слики за изложба во една престижна галерија во Љубљана и ова е нешто сосема ново за мене. Не е продолжение, туку пресврт. Нов импулс што доаѓа директно од ситуациите и состојбите низ кои поминувам. Нема филтер, нема дистанца, се е блиску, сурово и искрено.
Сликите отвораат апстрактни предели, портали, хоризонти. Како точки на одлука. Како моменти кога стоиш на раб и не знаеш дали тоа е крај или почеток. Повеќе ме интересира прашањето што доаѓа после, отколку самиот крај. Што има зад линијата? Што значи да преминеш? Или што има после смртта? Иако формата се менува, мојот потпис останува. Жестината на колоритот, таа е тука, силна, директна, без компромис. Боите не се декорација, туку став. Тие удираат, носат емоција, оставаат трага.
Паралелно, уметноста ја симнувам од ѕидот и ја пуштам да се движи. Сликам на патики, на облека, ми треба таа улична енергија, таа циркулација. Делото да живее, не само да виси. Во исто време работам и фрескоживопис, како контрапункт. Еден вид внатрешен баланс меѓу улица и вечност, меѓу импулс и тишина.
Ме окупираат мотиви на идентитет, време и присуство, како изгледа човекот денес, и што од него ќе остане утре. Се движам помеѓу интимното и колективното, меѓу лично и универзално, ама секогаш со ист импулс:
Да отворам прашање што не се затвора лесно – и да оставам нешто што нема само да се гледа, туку ќе те следи.

Последниов период живеете во Словенија. Каква е уметничката сцена таму и колку тамошното живеење ви дава слобода и мотив за творечки израз?
-Љубљана за мене е момент, не дестинација. И не е само место на здив, туку неизбежно бегство. Инстинкт. Природен порив за преживување во момент кога неправдата те турка до ѕид. По период во кој во Република Македонија бев соочен со притисоци од минатата власт и апсурдна забрана за вработување, изборот не беше каде сакам да одам, туку како да продолжам да постојам. Понекогаш не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што мораш. Со оглед на мојот сплет на животни околности во тоа време Љубљана беше градот во кој се обидов да се вклопам и кој стана мој дом.
Во тој период на бегство и трагање кон себеси, и Шпанија беше мое засолниште во неколку пократки наврати особено во летниот период. Место каде што повторно дишев со полни гради. Таму ја наоѓав својата рамнотежа, својата инспирација, и најважно, силата да издржам на патот што воопшто не беше лесен, ама беше мој. Сонце, простор, ритам, нешта што те составуваат кога си на раб да се распаднеш.
По природа сум номад. Не се врзувам за секое место, туку за енергија. Љубљана е релативно мал град, но има некој свој шарм. Покрај тоа што не е најотворената сцена за големи уметнички можности, сепак е доволно блиску до европскиот пулс — како појдовна точка има смисла. Како и секој град, има свои предности и маани: Ти дава мир да се собереш, но и тишина што те потсетува дека светот е поширок. Дека постојат други сцени, други ритми, други градови што чекаат.
А слободата за мене не е идеја, туку услов. Најсуштинскиот чин на човекот. Изворот од кој почнува сè. Без неа нема уметност, нема искреност, нема живот што вреди да се живее.Јас сум поданик на својата слобода. Не ја преговарам. Не ја украсувам. Ја живеам, дури и кога ме води низ неизвесност.И токму таму се раѓа и мојата побуна. Низ уметноста не зборувам тивко и учтиво, туку директно, без пардон. Тоа не е естетика, туку став. Крик што не бара дозвола. Отпор што не се извинува. Затоа знам дека ова е само една станица. Се надевам дека мојот пат ќе ме однесе низ други европски градови , оние што имаат простор за гласни идеи и храбри уметници. Затоа што за мене, уметноста не е место. Таа е слобода во движење. И побуна што не запира.

































