Четвртфиналната фаза од плејофот во Првата лига жени започнува на 1 април со два дуели – градското соочување меѓу лидерот Наковски Волеј и Струмица жени, додека освојувачот на Купот, Вардар ЕМ ќе го пречека Младост УГД.
Наковски Волеј важи за апсолутен фаворит во дуелот со Струмица жени, и според позициите кои екипите ги имаа на прволигашката табела (1-8), како и според резултатот во меѓусебните дуели, 2-0 за девојките на Наковски. Струмица жени секако дека нема да дозволат лесно да мине нивниот локален ривал, но факт е дека постои разлика во квалитет.
По сензацијата која Вардар ЕМ ја приреди во Купот на ОФМ 2026, без разлика на досегашните резултати во првенството, сега поинаку ќе се гледа на „црвено-црните“ одбојкарки. Пред викендов Младост УГД беше изразит фаворит, но сега нема сомнеж дека внимателно ќе влезе штипскиот состав во овој двомеч. Екипата на Вардар ЕМ е во подем, а освојувањето на Купот може да биде само дополнителен мотив во плејофот. Младост УГД, пак, бара шанса за поправен, откако беше запрен во куп-полуфиналето, сега ќе цели што подалеку во првенството.
Останатите две двојки од оваа фаза се бранителот на титулата Јанта Волеј КВ и ланскиот финалист Работнички Скопје кои со своите ривали ќе се соочат в сабота.
Јанта Волеј КВ игра двомеч со дебитантот Газели Волеј и ќе биде уште еден интересен градски дуел со оглед на тоа дека скорот во меѓусебните дуели е 1-1, односно во првиот дел од сезоната „газелите“ славеа со 3:1, додека во втората полусезона, Јанта победи со 3:2.
Работнички Скопје на патот кон ново финале ќе тргне од Битола, кај Пелистер Волеј, уште една двојка која може да понуди неизвесност. Работнички беше убедлив со 3:0 во првото меѓусебно соочување сезонава, но во второто во Битола загубија со 3:1, што е најава која не дозволува да се препише епитетот фаворит на ниту една од екипите.
Двојките кои првите натпревари ги играат на 1 април, реваншот е на 4 април, додека паровите кои четвртфиналната фаза ја започнуваат на 4 април, реваншот го играат на 8 април. Четвртфиналето се игра во два добиени натпревари, а во случај на нерешен резултат во победи и идентичен сет количник, се игра „златен сет“ до 15 освоени поени, со разлика од два поени. Победниците продолжуваат во полуфиналето на плејофот.

































