Фото: Пиксабеј

ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА

– Нека истапи кој е надлежен за да преговараме!
Командосите се собраа и веднаш реагираа. Еден од нив му пренесе на генералот дека Калугин е во близина и дека сака да преговара.
– Внимавајте на заложнициве додека зборувам со Калугин – нареди Рибкин и излезе надвор.
Клекнат во земјанката во која чуваше оружје и муниција за случај на напад, Калугин го впери снајперот и го разгледа просторот од страничниот дел на дворот каде што имаше голем број платеници од приватната армија на Рибаков.
– Калугин, ти ли си?
– Да, јас сум. Кој е таму?
– Овде генералот Рибкин. Знам дека ќе потрошам залудно време за да те уценам со Воронцова и нејзината малечка ќерка, но сметам на разум и практичност. Што знаеш за материјалите што можат да погодат видни граѓани на Руската Федерација? Добро знам кој си и што можеш и јас со задоволство би те видел и меѓу моите професионалци. Марија се согласи да ни ја открие својата тајна, но ако материјалите се кај тебе, случајот повторно се усложнува.
– Што се однесува до материјалите, од мене нема да дознаете ништо повеќе од она што веќе ви е познато. Но јас би сакал да позборувам со Воронцова за нив. Можеби потоа ќе најдеме заедничко решение. Работата е отидена премногу далеку и потребен е разум за да ја доведеме во нормала.
– Тројца од едната страна, четворица од другата страна на дачата – тивко нареди генералот. – Без милост кон човекот Привидение!
Платениците веднаш се распоредија. Тие не знаеја дека се предмет на визуелна опсервација на Калугин.
– Каде би разговарале со Воронцова, Калугин? – на генералот му беше потребно време платениците да се приближат до целта.
– Горе на балконот постои сајла што функционира како лифт. Таа делумно ја знае функцијата на трансферот. Потребно е да се спушти по таа жица за да дојде до местото на кое се наоѓам и дури потоа ќе зборуваме за проблемот. Впрочем, кога веќе дојдовме до крајот од приказната, да, материјалите се кај мене!
Страотен вресок ја распара ноќта. По него уште еден, па уште еден. Платениците врескаа на сиот глас. Не остана ниту еден што ја одбегна опасноста од поставените стапици. Кршење коски, парчосано месо.
– Што е, што се случува? – генералот беше збунет. – Гусев, сетики не ме измамија ушите? Слушнав вресоци.
– Нашите настрадаа, генерал Рибков. Не знам во каква стапица влегоа, но ова е мошне сериозно.
– Калугин!
– Повели, генерал Рибаков!
– Какви се овие трикови?
– За мршојадник како тебе и твоите ’ртови, ова е малку.
– Ти… проклет да бидеш! Можеш слободно да се простиш од Воронцова и нејзиното девојче! Не знам колку ти значи и твојот долгогодишен учител Долгоруков!
– Ако е така, тогаш и ти ќе треба да се простиш од материјалите за кои лесно се губи глава! Мене никогаш не можеш да ме очистиш.
– Каде ги криеш? Зборувај или ќе зборува мојот гнев!
– Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за нив, тогаш ќе мора да се качиш на балконот заедно со Маша. Така ќе биде најдобро.
– Доаѓам!
– Нека се појават на балконот, а потоа активирај го експлозивот, Ајсен.
Јакутот го знаеше севкупниот распоред на местата, кои беа опасни за натрапници што би се обиделе да го изненадат Калугин. Тој претпостави дека траперот е во земјанката зад дачата и веднаш отиде таму.
– Да ја поштедам дачата?
Калугин се насмеа и го потупка по рамото:
– Не ми е за материјалната загуба туку за некои од луѓето што се заложници, а од кои треба да земам износ од кој може да се изградат десетици слични дачи, Ајсен.
– Овде сме! – се јави Рибкин.
Каја беше во неговата прегратка, а револверот потпрен на нејзината слепоочница. До него беше Марија, скршена, беспомошна и со поглед закован во темнината.
– Имам одлична цел ама не смеам да ризикувам за малечката – рече Калугин, местејќи се на штицата што му служеше како потпора за добар истрел. – Мислам дека е време да им направиш една голема мешаница, Ајсен!
– Каде си, Калугин? Се исплаши, па исчезна? Моето трпение е при крај. Појави се или девојките нема да минат добро!
– Притисни, Ајсен!
Јакутот го притисна детонаторот. Одекна силна експлозија во предниот дел од дачата. Се слушнаа вресоци. Од армадата на генералот Рибкин останаа само Матвеев и Сорокин, кои останаа во салонот. Генералот беше видно вознемирен. Новата експлозија, која се случи на десетина чекори од балконот, донесе нови промени. Марија ја грабна Каја и заедно со неа се испружи на подот. Генералот збунето гледаше наоколу и веќе беше посакувана цел. Куршумот од снајперот го погоди во десната страна од градите. Човекот се струполи, а револверот се најде во раката на Марија.
– Ние сме безбедни, Николај! – викна Марија. – Генералот е погоден!
– Внимавај на вратата, Марија. Неговите може да се обидат да се качат горе. Јас веднаш доаѓам!
– А јас одам до влезот, Привидение. Малку ќе се изненадат ако се обидат да спасат глава од предната страна на дачата иако мислам дека експлозијата ги закова внатре!
– Јас одозгора, ти од предната страна и мислам дека работата ќе биде завршена. Но биди внимателен, пријателу мој. Тие се измачкани со сите трикови!
ЕПИЛОГ
 Калугин го намести запченикот за повратен процес, а потоа ја закачи кукачката за сајлата и го вклучи електромоторот. Горе го пречекаа Марија и Каја. Тие веднаш го прегрнаа. Рибкин стенкаше и молеше за помош. Се плашеше да не искрвави.
Неколку истрели од страна на Ајсен ги натераа Матвеев и Сорокин да побараат погодно место за заштита на животот иако веќе насетуваа крај.
– Подобро за вас е да се предадете – им предложи Долгоруков. – Мојот авторитет може да ви ја олесни работата. Оставете го оној луд генерал со неговите фикс-идеи. Верувајте ми, тој е веќе минато. Спасувајте глава оти на еден куп мртовци, судот нема да има ниту ронка милост!
– Замолчи за да не завршам со тебе, старецу – му се здаде Матвеев заканувајќи се со револверот.
– Спушти го долу, Аљоша – цел на револверот на Сорокин сега беше неговиот партнер.
– Што ти е, да не си полудел? – Сорокин беше вџашен.
– Нема потреба да гинеме за ништо, Аљоша. Размисли добро. Со генералот и неговата приказна е завршено. Ајде да го фатиме последниот воз.
– Браво, момче – Долгоруков весело ја поздрави постапката на Сорокин. Вас ќе ве водам како доброволна помош во борбата со Рибкин. Сега ќе бидете на наша страна и сите гревови ќе ви бидат простени. На крајот од краевите, Божиќ е!
За миг се чинеше дека Матвеев ќе се бунтува, но тој размисли и го спушти револверот.
– Нема што да загубиме – рече и небрежно ги собра рамениците.
Потоа Долгоруков го повика стрелецот да влезе во дачата. Не беше многу изненаден кога го виде Ајсен. Неговите телохранители се качија на балконот и веднаш се погрижија за ранетиот генерал. Калугин се симна во друштво на Маша и Каја. Тој веднаш го впери самострелот во Долгоруков.
– Овде некој треба да одговара на прашања! По ѓаволите, колку животи имаш ти Андреј Михајлович?
Долгоруков го впери својот дебел показалец во Калугин:
– Долги години јас сум на работ од смртта, Николај. Пробај да го издржиш сето тоа и притоа да останеш здрав и жив. Ајде момчиња, повикајте хеликоптерска единица. Овде има еден куп смет што има потреба од лекување. Стапиците на Калугин покажаа дека никогаш не треба да се занемари вредноста на старата добра тактика и техника.
– Јас и ти имаме еден мал разговор, Долгоруков. Освен тоа и Марија Воронцова ми должи објаснување.
Ниското човече со голема диоптрија си ја почеша брадата.
– Ајде да почнам но од каде?
– Ти само почни – го поткрепи Калугин.
– Е па, вака – Долгоруков го прочисти грлото. – Една вечер кај мене дојде адвокатот Кузнецов и ме извести за материјалите во сефот на неговиот работодавец. Тие материјали биле со проблематична содржина, која компромитирала голем дел од московската елита. За „услугата“ побара поголема сума пари.
– Сигурно не бил евтин како мене – се пошегува Калугин. – Зарем како служба од која сите се тресат дури и ако ѝ се спомне нејзиното име, дозволивте да ве уценува?
– Нема да навлегувам во детали, Николај. Но ќе кажам дека јас лично дозволив настаните сами да се придвижуваат по теркот што го замислиле измамници натрупани со сомнителни пари. Не очекував дека во меѓувреме во играта ќе влета Марија Воронцова. Таа на еден смел начин повлече потег што не го очекувавме. Од трезорот на нејзиниот сопруг, дамата со себе ги понесе материјалите. Иако постојано ја надгледувавме куќата на Генадиј Воронцов, се случи момент што ни го одвлече вниманието и ни ја растури концепцијата. Истата ноќ пред да се случи настанот со Марија, Кузњецов го посети својот работодавец. На таа средба на која адвокатот го побарал своето, се случило нешто што ние не можеме да го објасниме. Играјќи опасна двојна игра, тој бил прочитан и казнет. Еден од телохранителите на Воронцов го ставил во гепекот од автомобилот и се оддалечил успевајќи притоа да им побегне на моите луѓе. И додека тие се дале во потера по него, оној што го оставиле пред домот на Воронцов за да демне и понатаму, не го забележал бегството на Марија. Кога нашите екипи стигнаа на местото на настанот, јас можев да се сложам со приказната на Воронцов дека некој го удрил по глава и дека со себе ги понел сите документи и кешот. Денови потоа се јави Марија Воронцова и побара од мене да ѝ помогнам во врска со нејзината ќерка Каја. Освен тоа, рече дека поседува материјали што компромитираат нечесни тајкуни.
– Имаш фалинка, Долгоруков – му упадна Калугин. – Твојата приказна не можам да ја прифатам оти кога ми предложи соработка, ти веќе знаеше дека документите се кај Марија со која веќе си се договорил за соработка.
Долгоруков нишна со глава.
– Во право си и јас пак ќе ти повторам – рече. – Откако се упативме кон Краснојарск, Воронцов веќе го имаше девојчето во своите раце. Знаевме дека таа ги ужива твојата заштита и гостопримство, не можевме да излеземе пред неа со празни раце. Затоа одлучив да те искористам за да ја натераш да ми ги предаде документите. Однапред знаев дека таа нема да се согласи бидејќи повеќе не му веруваше никому. Искрено, не знаевме дека и Рибкин е во игра иако тоа беше за очекување бидејќи ова е територија што беше под негова контрола. Големците од Москва веднаш контактираа со него за да ги извлече од калта во која можеа да заглават.
– Марија, време е да го кажеш своето – Калугин ѝ упати еден пробивен поглед што инсистираше на искреност.
– Сѐ до моментот кога ја оставив Каја кај мојата пријателка во Краснојарск, јас можам да потврдам дека господинот Долгоруков ја зборува вистината. Телефонски контактирав со него и му ја објаснив мојата ситуација. Вети дека веднаш ќе се погрижи за Каја. Јас бев среќна со тебе, Николај. Само прашање на време беше кога ќе ти кажев за мојата зла судбина. Проблемот беше што не можев да му верувам никому. Што се однесува до тебе, да, јас ти верував ама не сакав да те фрлам во оган.
– Каде се материјалите, Маша?
Марија погледна кон Ајсен.
– На Бадник, на Ајсен му дадов подарок што многу ми значеше.
– Ајсен, пријателче, зарем и ти?
– Дамата е во право, Привидение.
– Ти… ти се поцрвене, Ајсен.
– Јас го заборавив подарокот во санката и тој сѐ уште е таму. Простете ми, Маша,
– Веднаш донеси го ваму – нареди Калугин.
Во меѓувреме, во салонот влезе еден од телохранителите на Долгоруков.
– Генералот Рибкин признал дека адвокатот Кузнецов бил посредникот за мисијата со него и неговата приватна армија. Тоа било дел од неговиот ангажман со тајкуните на кои им се заканувала ќелија. Потоа се обидел да застане на страна на правдата, но веќе било доцна.
– Ајсен влезе внатре држејќи ја во рацете големата фигура на белиот буф.
*
– Од тебе си го барам мојот половина милион, Долгоруков, или можеби ова беше уште една твоја измама?
Дебелкото небрежно ги крена рамениците.
– Од каде ми се толку пари, Сениште?
Калугин го зграпчи за реверите и го протресе. Телохранителот скокна за да го одбрани, но Долгоруков го спречи да интервенира со кревање на раката.
– Ако сега те исплатам, тогаш ќе те оддалечам од Маша и девојчето. Знаеш дека ќе те бараат и за секоја наредна акција.
– Навистина ниско, Долгоруков. Ти си поигра со нашите животи, старецу. Имаш ли уште трикови во твојот ракав?
Долгоруков не одговори.
– Ти не заслужуваш пензија. Некој треба да ја застрела твојата желба да бидеш пензионер. Излегувај надвор од мојот дом!
Во истиот миг Калугин се сврте и го тресна телохранителот на Долгоруков со тупаница преку лицето. Од ударот, човекот само што не го прелета салонот.
– Николај Михајлович Калугин никогаш не останува должен!
*
– Дали ќе го повториш она од пред малку, Маша?
– Не знам што реков, Николај?
– Па… дека си среќна со мене…
Маша силно го прегрна и го бакна. Каја слатко се смееше.
– Честито Христовото рожденство! – внатре влезе Ајсен. Во раката држеше метално куферче. – Повелете, подарок за Божиќ!
Јакутот го подигна капакот. Еден куп пачки со зелени банкноти беа како опивка за очите на присутните.
– Ајсен, што е ова? – го праша Калугин сиот збунет.
– Подарок од Долгоруков. Ми рече дека повеќе не ти должи.
– Проклет старец! Ајде да се почестиме. Па празник е, зарем не?
(крај)