
- Во рамките на ваквите планови, во Демир Хисар беше изградено и јавно засолниште покрај регионалниот пат Демир Хисар–Кичево, а во проектниот склоп на новата зграда на Домот на културата. Според проектната документација, дел од објектот наменет за јавно засолниште беше изграден целосно од армиран бетон, со проектирани, но никогаш не поставени масивни метални врати и со отвори за природна светлина поставени на источната страна
Во времето на Студената војна, системот на цивилна заштита во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија претставуваше важен дел од државната безбедносна стратегија. Во рамките на концептот на општонародна одбрана и општествена самозаштита, при изградбата на јавни објекти и поголеми станбени комплекси често се предвидуваа и засолништа за цивилното население. Овие засолништа најчесто се градеа како подземни или полуподземни простории со масивна армирано-бетонска конструкција, со тешки метални врати и со ограничени отвори за воздух и светлина. Нивната намена беше во случај на воена опасност да обезбедат заштита на населението од воздушни напади или бомбардирања. Ваквите мерки не беа ограничени само на големите градови. Тие беа дел и од урбанистичкото планирање во помалите градови, особено во оние што според воените процени имале одредена стратегиска улога, како и за индивидуалните станбени објекти. Таков пример претставува и Демир Хисар.
Стратешката позиција на регионот
Според процените на тогашната Југословенска народна армија, градот Битола се сметал за населено место со особено чувствителна позиција во случај на евентуален воен конфликт на јужната граница со Грција, која во тоа време беше членка на НАТО.
Во евентуален конфликт се претпоставувало дека првичните напади би биле насочени кон инфраструктурата од витално значење за снабдување на населението – пекарници, магацини со прехранбени производи, трговски центри и складишта со стоковни резерви.
Поради тоа, во рамките на пошироките стратегиски планови се сметало дека дел од овие капацитети треба да се разместат и во блиските населени места. Благодарение на својата географска положба, на околу дваесет километри од Битола, Демир Хисар бил сметан за погодна локација за развој на дел од оваа инфраструктура.
Јавното засолниште
Во рамките на ваквите планови, во Демир Хисар беше изградено и јавно засолниште покрај регионалниот пат Демир Хисар–Кичево, а во проектниот склоп на новата зграда на Домот на културата. Според проектната документација, дел од објектот наменет за јавно засолниште беше изграден целосно од армиран бетон, со проектирани, но никогаш не поставени масивни метални врати и со отвори за природна светлина поставени на источната страна. По должината на целата источна страна се протега дополнителен заштитен бетонски ѕид со значителна дебелина. Капацитетот на засолништето беше предвиден за околу 300-400 лица, што практично одговараше на бројот на посетители што може да ги собере големата концертна сала во Домот на културата во Демир Хисар заедно со вработените во институцијата. Значи, ова засолниште било наменето за засолнување на гостите во салата доколку се појави потреба да бидат дислоцирани и заштитени во ова засолниште.
Во период од дванаесет години, додека бев вработен во Домот на културата, односно во Радио Демир Хисар, кое до 1997 година функционираше во рамките на оваа институција, имав можност лично да ја видам и се запознаам со дел од проектната документација на овој објект. Од неа можеше да се заклучи дека засолништето било проектирано токму со намера во случај на опасност да ги прими посетителите на концертната сала и персоналот на установата. Денес овој простор целосно е пренаменет и се користи за потребите на локалната полициска станица.
Пекарницата како резервен производствен капацитет
Во рамките на истите стратегиски процени, во Демир Хисар беше изграден и нов наменски објект за пекарница – 486 квадратни метри. Покрај редовното снабдување на градот и општината со леб, овој објект требало да има и дополнителна функција – во услови на воена или кризна ситуација да обезбедува производство на леб и за населението во Битола. Со тоа Демир Хисар требало да стане резервен производствен центар за снабдување со основниот прехранбен производ. Сепак, и покрај ваквите планови, пекарницата никогаш не проработе во целосниот капацитет за кој беше проектирана.
Односно, во еден период од пред дваесетина години, позната пекарска компанија од Скопје ја презеде под закуп оваа пекарница во која беше инсталирана целосна пекарска производствена линија, работеше одвај два-три месеци, бидејќи од непознати причини, демирхисарските потрошувачи од некакви локалпатриотски побуди демонстрираа тивок бојкот, поради што скопскиот пекар беше принуден да ја напушти новата пекарница.
Стоковната куќа и подземните магацини
Во истиот период, со финансиска поддршка од државата, трговската компанија „Меркур-импорт“ од Скопје, во Демир Хисар започна и изгради нов гламурозен трговски објект под името стоковна куќа „Скопје“, која беше пуштена во употреба во 1988 година. И за овој објект вештото локално водство на општината, по линија на стратешка одбранбена потреба, успеа да „извлече“ пари и да се изгради објектот за рекордна година-две години, а под изговор дека во Демир Хисар треба да се изгради голем магацин за воени потреби од стоковни резерви.
Подземниот дел на оваа зграда беше изграден како масивна бетонска конструкција со голем простор, првично наменет за складирање т.н. стоковни резерви – прехранбени производи и други основни намирници за потребите на населението на Битола и Демир Хисар во случај на непосредна воена опасност. Во врска со намената на овој подземен простор ми остана во сеќавање и разговор со мојот долгогодишен пријател – Коле Бојаџиев-Пуцко. Откако се предаде во употреба овој објект, Пуцко доби работно место да се грижи за подземниот дел на објектот, формално како главен ложач на системот за парно греење. Во еден пријателски разговор ми спомена дека подземниот простор е многу поголем отколку што може да се претпостави од надворешниот изглед на зградата. Се сеќавам на неговите зборови: „Немаш претстава колку простор има под земја. Огромен е и речиси неискористен. Се чува за случај на војна“. И покрај ваквите планови, подземниот простор на стоковната куќа никогаш не беше ставен во функција како магацин за стоковни резерви.
По политичките и економските промени во почетокот на 1990-тите години, објектите изградени во рамките на системот на цивилна заштита постепено ја изгубија својата првобитна функција. Денес засолништето на Домот на културата е пренаменето за потребите на полициската станица, додека делови од стоковната куќа се распродадени на приватни компании и се користат како трговски и магацински простори. Интересно е што ваквите градежни стандарди не се само историска карактеристика на југословенскиот систем. Во современи услови, слични прописи и денес постојат во Израел, каде што поради постојаната безбедносна тензија секој нов станбен објект мора да има посебна заштитена просторија – т.н. мамад, изградена од армиран бетон и наменета за заштита на семејството во случај на ракетен напад.
Така, она што некогаш претставувало дел од системот на цивилна заштита во Југославија денес може да се согледа и како поширок пример за тоа како различни држави, во различни историски околности, ги приспособуваат своите градежни стандарди кон безбедносните потреби на населението. Денес овие објекти живеат нов живот, но нивната првобитна намена потсетува на едно време кога државата сериозно се подготвувала за можни воени искушенија.
Автор: Благоја Шундовски
































