Фото: ЕПА

Дипломатска антиципација на Техеран во врска со препознавањето на Ормускиот Теснец како геополитички адут

  • Иран има намера да ја допрецизира својата преговарачка рамка доколку подинамично се отворат комуникациските канали со Вашингтон за доаѓање до решение за мир. За какво „допрецизирање“ станува збор? Имено, Техеран има интенција да додаде уште една клаузула што се однесува на „долгорочен и стратегиски однос и економско менаџирање со еден од најважните енергетски премини во светот – Ормускиот Мореуз, и негово ставање во функција на долготраен мир во регионот“…

Во своето прво обраќање како нов врховен лидер, Моџтаба Хамнеи испрати јасна и недвосмислена порака.
– Ормускиот Теснец не е само географска реалност туку инструмент за превенција од загрозување на суверенитетот, што, како што издвои самиот, како клучна алатка „мора да се продолжи да се користи“… – го цитираа иранските медиуми.
Изјавата ја презедоа и сите светски гласила, а аналитичарите коментираа дека „оваа изјава не треба да се чита како реторичка и мотивирачка демонстрација на пркос, туку како внимателно осмислен сигнал за трансформација на иранската традиционална милениумска мудрост, пренесена на денешната надворешна политика на Иран“, и тоа од реактивна кон антиципативна!
Техеран, со години под притисок на санкции и геополитичка изолација, сега покажува способност да ги пренасочи насоката и динамиката на преговорите. Наместо да се фокусира исклучиво на укинување на санкциите и признавање на правото на мирновременска нуклеарна технологија, Иран ја проширува агендата, вметнувајќи нови, структурно поважни барања меѓу кои и специфичниот предлог за управување на сообраќајот во Ормускиот Теснец.

Ормускиот Теснец како алатка преку која Техеран ќе партиципира врз глобалните пазари, цените на енергентите и безбедносните калкулации на големите сили

Ормускиот Теснец претставува еден од најкритичните енергетски коридори во светот. Секојдневно низ него поминуваат околу 20 милиони барели нафта и нафтени деривати, што е количество што претставува значителен дел од глобалната потрошувачка. Овој проток го прави теснецот не само економска артерија туку и геополитичка точка на притисок.
Со стекнување или дури делумна контрола врз овој премин, Иран добива можност да влијае врз глобалните пазари, цените на енергентите и безбедносните калкулации на големите сили. Токму тука лежи интелигентноста на новиот пристап: наместо директна конфронтација, Техеран ја користи географијата како средство за дипломатска надмоќ.

„Патарини“ како нов економски модел вграден во поширок мировен и безбедносен договор

Една од најинтересните идеи што произлегуваат од оваа стратегија на Техеран е можноста за воспоставување „систем на патарини“ за премин низ теснецот. Според анализите на западни експерти, ваков модел би можел да биде меѓународно прифатен доколку се вгради во поширок мировен или безбедносен договор.
Финансиските импликации се значајни. Со просечен надомест од околу 2 милиони долари по танкер, дневните приходи би достигнале околу 20 милиони долари, што на месечно ниво значи приближно 600 милиони долари само од транспортот на нафта. Доколку се вклучи и течниот природен гас, оваа сума би можела да надмине 800 милиони долари месечно.
Ова не е занемарлив износ за Техеран. Станува збор за 15–20 отсто од месечните приходи на Иран од извоз на нафта во 2024 година. Со други зборови, Техеран потенцијално создава нов стабилен извор на приходи што не е директно зависен од санкциите.

Споредбата со управувањето на Суецкиот Канал

Во оваа стратегија, неизбежна е споредбата со Суецкиот Канал. Египет традиционално остварува приходи од 700 до 800 милиони долари месечно од оваа клучна транспортна маршрута, иако во последниот период тие се намалени поради безбедносни нарушувања во Црвено Море.
Иран, очигледно, ја гледа оваа бројка како референтна точка, не само економски туку и симболички. Контролата врз Ормускиот Теснец би значела позиционирање на земјата како незаменлив фактор во глобалната трговија, слично на улогата што Египет ја има преку Суец.

Од криза кон иницијатива – промена на преговарачката динамика?!

Она што ја издвојува оваа стратегија е начинот на кој Иран ја трансформира кризата во предност. Наместо да биде објект на меѓународен притисок, Техеран се позиционира како субјект што управува со условите на играта.
Вметнувањето на барањето за контрола врз теснецот во преговорите за прекин на воените дејства претставува класичен пример на преговарачка ескалација со цел добивање структурни концесии. Со тоа, Иран не само што бара олеснување на санкциите туку и редефинирање на регионалниот поредок.

Лекција за секоја земја за приспособување на геополитиката за 21 век

Иранската стратегија околу Ормускиот Теснец е пример за современа геополитика, каде што контролата врз критична инфраструктура може да биде еднакво моќна како и воената сила. Интелигентната антиципација, користење древната мудрост, познавање на својата и регионалната историја, комбинирана со внимателно калибрирана современа политика и дипломатија, му овозможува на Техеран да игра на повеќе фронтови истовремено, и тоа економски, политички и безбедносно.
Дали оваа стратегија ќе доведе до долгорочна стабилизација или до нови тензии ќе зависи од реакцијата на меѓународната заедница. Но едно е сигурно: Ормускиот Теснец повеќе не е само тесен морски премин туку тој прераснува во централна сцена на глобалната трансформација на меѓународниот поредок. Р.С.