Фото: ТАВ Македонија

Означен е почетокот на реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Градежните работи кои, како што беше најавено, ќе му дадат целосно нов лик на аеродромот, е предвидено да завршат до крајот на мај. Проектот ќе обезбеди 4.500 метри квадратни функционален простор, поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и царинската управа.

Премиерот Христијан Мицкоски го квалификува овој момент како исторски за Охрид и охриското крајбрежје, но и за сите околни општини.

– Со оваа реконструкција се зголемуваат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Се надевам дека во предвидениот рок сѐ ќе биде завршено. Во првите два месеца од годинава на скоспкиот аеродром има 30 отсто зголемување на бројот на патници, а на охридскиот за околу 20 отсто. Годинава очекуваме двоцифрен раст на патници на двата аеродрома. Разговараме со голем број тур-оператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден сме пред склучување договор, кој надвор од сезоната ќе донесе околу половина милион ноќевања – истакна Мицоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изрази надеж дека отворањето на реконструираниот дел ќе биде во јули.

– Почнува сериозна реконструкција, надградба и проширување на охрдискиот аеродром. Ова се случува првпат откако аеродромот е изграден. Проектот треба да донесе 4 500 метри квадратни функционален простор, што е околу 2 500 повеќе од постојниот. Тоа ќе значи можност за многу повеќе патници, нивно попријатно чувство кога ќе слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром, ќе значи и многу повеќе можност за туризам, за бизнис и поврзаност. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни. Се надевам дека во јули ќе можеме да ве поканиме тука, на свечено отворање и да имаме комплетно нова приказна со која заеднички ќе бидеме горди – напомена Николоски.

Според генералениот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, во текот на градежните активности, функционалното работење на аеродромот ќе продолжи. Тие се така планирани, за да се обезбеди безбедна и непрекината услуга на патниците.

– Охрид е срцето на македонскиот туризам. Верувам дека може да блесне уште посветло, пречекувајќи што повеќе гости. ТАВ инвестира 2,7 милиони евра во неколку клучни подобрувања на аеродромот: проширување на оперативниот капацитет на патничкиот терминал и на капацитетот на шалтерите за регистрација на багаж и патници, проширување на зоната за безбедносна контрола,  ќе се прошири административната зграда, нов ресторан, нови канеларии за Граничната полиција и Царинската управа и паркинг за вработените – рече Курт.