Македонија треба да се движи кон идеолошки модел на политика, базиран на идеи и програми, а не кон етноцентристички матрици
- Кога партиите не се формираат зад некаква идеолошка матрица, тогаш е јасно дека програмската платформа многу веројатно ќе се темели врз етнички теми, кои најчесто се злоупотребуваат за ширење национализам и креирање меѓуетничка недоверба. А во недостиг од вистински друг капацитет кај партиите, гласовите на граѓаните најлесно се добиваат врз етнички бајки
Во време кога светот се наоѓа пред една огромна геополитичка пресвртница, повеќе од клучно за земја како Македонија е во вакви критични моменти да ја задржи општествената кохезија, а тоа може да се постигне само доколку политичките партии своето дејствување го насочат кон општо добро за сите граѓани, а не само за одредена етничка заедница.
За жал, наместо демократскиот натпревар да се води околу идеи, програми и визии за развој, политичката сцена во земјава никако да се ослободи од етничките агенди, кои и во 21 век некој ги користи за да добива политички поени. Таа почетна поставеност некаде на почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак во името, всушност ја насочи политиката кон линија на поделба наместо кон линија на натпревар во квалитет и придобивање гласачи од сите етникуми.
Досегашните искуства покажаа дека прашањата за економија, образование, здравство или владеење на правото често остануваат во втор план во албанскиот политички кампус, а многу повеќе се пласираат етнички теми што не одговараат на актуелните случувања. Така, политичките партии на македонските Албанци наместо да градат заеднички интереси базирани врз идеологии, стануваат чувари на етнички позиции, што неизбежно ја продлабочува недовербата меѓу граѓаните.
Тоа резултира со постепено еродирање на внатрешното општествено единство. Наместо интеграција, се создава паралелна политичка реалност во која секоја заедница се обраќа сама на себе, а државниот интерес станува второстепен. Прашањето што се наметнува денес е дали е време да се преиспита ова наследство и да се врати фокусот на суштинската демократија, натпревар на идеи, а не на идентитети.
Зошто албански, а не граѓански сојуз?
Најнова потврда дека работите не се излезени од старата етничка матрица се најавите на Зијадин Села, кој откако го изгуби судскиот спор за тоа чија партија е Алијанса на Албанците, најави формирање нова партија. Тој во едно неодамнешно интервју за „Лајм“ откри дека името на новата партија е Албански сојуз.
– Не оставив на случајноста, создадов нова политичка партија. Тоа е Албански сојуз, има црвено–црни бои. Идејата на Алијанса за Албанците и нејзините каузи имаат свое продолжение – рече Села.
Тој го предводеше едното крило од Алијанса за Албанците, а поранешниот министер за здравство Арбен Таравари другото крило. Села и Таравари се разидоа пред изборите во 2024 година.
Но она што повторно паѓа во очи, тоа е името на партијата во најава – Албански сојуз, повторно политички субјект што се обраќа исклучиво до една етничка заедница во земјава и кој очигледно ќе претендира да ги остварува целите само на Албанците имајќи го предвид префиксот во името, директно одвраќајќи ги преостанатите. А кога партиите не се формираат зад некаква идеолошка матрица, тогаш е јасно дека програмската платформа многу веројатно ќе се темели врз етнички теми, кои најчесто се злоупотребуваат за ширење национализам и креирање меѓуетничка недоверба. А во недостиг од вистински друг капацитет кај партиите, гласовите на граѓаните најлесно се добиваат врз етнички бајки.
Етноцентризам наспроти државна кохезија
За добар дел од долгогодишните познавачи на политичките состојби во земјава, едноставно е несфатливо уште да се турка праксата за формирање партии со етнички предзнаци, заостанати рецидиви од некои минати времиња.
– Формирањето политички субјекти со експлицитен етнички предзнак, како што е најавениот Албански сојуз, претставува сериозен предизвик за унитарниот карактер на Македонија. Кога една партија во својот наслов и симболи (црвено-црни бои) таргетира само една заедница, таа повлекува остра линија помеѓу „нас“ и „другите“. Ова не е само прашање на име, туку на длабока политичка матрица што ги дефинира граѓаните според нивното потекло, а не според нивните потреби како индивидуи – објаснуваат соговорниците.
Според нив, ваквата пракса по 35 години независност покажува дека многу политички актери сè уште не излегле од зоната на комоција на етнонационализмот.
– Наместо да се натпреваруваат со идеи за подобра економија, владеење на правото или образование, кои би биле привлечни за сите, тие се повлекуваат во етнички гета. Ова води кон создавање паралелни институционални наративи и зајакнување на врските со соседните центри на моќ (Тирана и Приштина), што кај мнозинскиот народ создава чувство на несигурност и деструкција на заедничката држава. Проблемот е што етничките партии ги „киднапираат“ темите на секојдневието и ги претвораат во пазарења за колективни права. Тоа ја кочи природната еволуција на Македонија кон граѓанско општество. Додека светот се обединува околу технолошки и идеолошки платформи, кај нас сè уште доминира стравот од „другиот“, кој вешто се подгрева токму преку вакви нови политички формации. Без вистинска идеолошка основа, овие партии стануваат извори на меѓуетничка недоверба, бидејќи нивниот опстанок зависи од одржувањето на етничкиот јаз – констатираат соговорниците.































