НИЗ ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЕВРОПА СЕ КРЕВА ЦУНАМИ СО „НЕ“ ЗА БЕСПОГОВОРНАТА ПОСЛУШНОСТ КОН БРИСЕЛ
Во минатата, а сѐ повеќе и во оваа 2026 година низ интелектуалните и експертските кругови, особено во Франција, одекнува своевидниот пркосен восклик на одбивност кон либералната доктрина на ЕУ: „Не на слепата послушност кон ЕУ!“ (Pas d’obéissance aveugle à l’UE!). Концептот на одбивање на слепата послушност кон Европската Унија и нејзината Европска комисија (влада на Европа), неприфаќањето на нивните европски закони и директиви донесени во чудни и нејасни процедури и содржина, е тема на анализи, авторски колумни и други јавни истапувања на угледни француски интелектуалци, правни експерти, геополитичари и економисти.
Некритичко следење на политиката на Брисел од страна на балканските земји е опасно
Францускиот геополитички аналитичар Алекси Труд (Alexis Troude) го нарекува Балканот „сива зона во срцето на Европа“ и изнесува став што треба да се изанализира сериозно и внимателно, би рекле, особено во Македонија. Еве зошто. Овој геополитички експерт и професор на Универзитетот „Версај“ смета дека слепото, некритичко следење на политиката на Брисел од страна на балканските земји е опасно бидејќи Брисел често не ја разбира сложеноста на теренот, при што токму самата Европа ја прави оваа „сива зона“ потенцијално жариште за цела Европа. Труд често посочува дека Брисел и западните сили не го разбираат доволно сложениот историски и етнички контекст на Балканот. Труд редовно предупредува дека оставањето на Балканот во состојба на политичка и економска несигурност (како де факто „сива зона“) создава плодна почва за нестабилност, која може да се прелее во остатокот од Европа. Овој француски експерт ги критикува европските лидери дека треба да градат автентична европска стратегија, која ќе ја земе предвид реалноста на теренот.
Балканските држави треба да ја вратат својата сувереност во водењето на надворешната политика наместо безрезервно да ги следат „упатствата од
бирократијата на ЕУ“
Францускиот геополитички аналитичар Алекси Труд повикува во своите трудови и книги на „враќање кон сопствената национална политика“, нагласувајќи дека државите треба да ја вратат својата сувереност во водењето на надворешната политика наместо безрезервно да ги следат „упатствата од бирократијата на ЕУ“. Овој геополитичар, разбирливо, во овој контекст ја има предвид неговата татковина и го користи драматичниот термин „давење на Франција во Брисел“.
„Давењето на Франција во Брисел е прашањето над сите прашања во мојата земја“, има нагласено Труд во една изјава.
Ан-Сесил Робер, правна експертка и директорка во „Ле монд дипломатик“, како една од најизразените критичари на функционирањето на ЕУ, се залага за демократски суверенитет и е остра критичарка на сегашната структура на Европската Унија. Таа смета дека ЕУ страда од сериозен демократски дефицит и оти европското право не треба да се применува по автоматизам ако е во спротивност со волјата на народот. Робер тврди дека народот е единствениот носител на суверенитетот и се спротивставува на преносот на моќта кон бриселската „технократија“ без соодветна консултација со народот.
Против „автоматската“ природа на ЕУ-директивите
Ан-Сесил Робер е категорично против „автоматската“ природа на директивите. Таа го осудува процесот кога одлуките, донесени во Брисел, им се наметнуваат на земјите членки, заобиколувајќи ги националните парламенти и волјата на граѓаните. Таа смета дека легитимитетот на една политика мора да произлегува од општото право на глас и оти ЕУ често ги игнорира резултатите од националните референдуми.
Во една од своите анализи таа ја критикува „еластичната природа на приматот на европското право над националната волја“ во одделните земји членки на ЕУ. „Нивната желба (во Брисел) да наметнат договори, на пример, и за слободна трговија, кои ги заобиколуваат националните парламенти и избегнуваат референдуми, укажува дека тие применуваат ‘еластична концепција на европското право’, кое се наметнува.“
Од гледна точка на Република Македонија особено се интересни, но и многу важни, согледувањата и препораките на францускиот економист и филозоф Фредерик Лордон. Еве зошто. Како истражувач и во Националниот центар за научни истражувања на Франција, Лордон критикува дека европските договори станале ригиден „економски устав“, што спречува какви било алтернативни политики. Според него, непослушноста, непридржувањето кон договорите не е политичка опција, туку логична неопходност за враќање на контролата врз економијата. Лордон експлицитно ги користи овие термини во контекст на неговата критика кон Европската Унија и неолибералната економија и политика. Тој ја застапува идејата за „непослушност“ (désobéissance) и „непочитување на договорите“ (non-respect des traités) како неопходна стратегија за спроведување на напредните економски, но и други национални политики, кои се во спротивност со постојните рамки на ЕУ.
Овој француски економист и суверенистички филозоф вели кога една држава се наоѓа во „ситуација на конфронтација“, тогаш таа ќе мора свесно да избере да не ги применува договорите за да ги заштити своите суверени интереси.
И од Македонија едно гласно „НЕ“ и „ДОСТА Е“ за ултиматумите од Брисел
Од земјата на Емануел Макрон, „идејниот татко“ на Добрососедскиот договор со Бугарија, кој уште при неговото креирање побара правда за „бугарските барања“, еве доаѓаат драгоцени научни согледувања и аргументирани препораки дека и Македонија не треба слепо да ги следи политиките и диктатите на Брисел. Токму од Франција на Макрон доаѓаат експертските препораки за „непослушност“ (désobéissance) и „непочитување на договорите“ (non-respect des traités), што значи дека оттаму ни доаѓаат совети што можеме да ги „свртиме“ и во насока против Макрон и „добрососедските договори“, кои се спротивни на суверените интереси на македонската држава – кажано со терминологијата на Фредерик Лордон!
Токму од Франција на Макрон доаѓаат предупредувања, парафразирано кажани, и дека ние како македонски народ, но и сите како македонски граѓани, не треба да дозволиме слепа и беспоговорна послушност на Македонија во Брисел како до скоро, жртвувајќи сѐ што значеше наша посебност, препознатливост, инсигнии и идентитет. И во Македонија треба да му се придаде соодветно внимание на предупредувањето на Труд дека со некритичко следење на политиката на либералните елити на Брисел ќе бидеме вшмукани во „црната дупка“ на европскиот универзум.
ЕУ форсира еден вид „авторитарен неолиберализам“
Уставни експерти од германскиот портал „Уставен блог“ (Verfassungsblog) тврдат дека одредени законски предлози на ЕУ се „длабоко неолиберални“. Се смета дека ЕУ форсира еден вид „авторитарен неолиберализам“, кој ги ограничува суверенистичките политички процеси во земјите од „европскиот клуб“, со намера дури и за попречување на донесувањето одлуки во полза на сопствените државни и национални интереси. Низа европски правни научници ја критикуваат „неисправната легалистичка вера во правото и судовите“ на Унијата, тврдејќи дека политичките закани и преземањата казнени мерки од страна на Брисел водат кон отуѓување нејзино и на нејзиниот политички и правен систем од политичкоправните системи на одделните земји членки. Небаре како да се обидува Брисел да востанови некоја своја нова „ЕУ-религија“ и притоа своите закони и прописи како да ги прогласува како „непогрешлива религиозно-верска догма“, во која мора да се верува безрезервно. Дека ќе мора слепо послушно да се прифаќаат „посланијата на папата и кардиналите од Брисел“! Но, не бидува така, зашто од ден на ден се зголемува сега не веќе само бројот и кругот на евроскептиците туку и на „еретиците“, на „евроневерниците“, кои ја отфрлаат „ЕУ-религијата“ и претпочитаат да си ја бранат и практикуваат својата национална суверенистичка и идентитетска доктрина.
Свето Тоевски































